Search

УНЕСКО ги потсети САД дека се потписник на конвенција за заштита на културни локации

Генералната директорка на Oрганизација за oбразование, наука и култура на ООН (УНЕСКО), Одри Азулеј, ги потсети денеска Соединетите американски држави дека имаат ратификувано две конвенции за заштита на културните добра во случај на конфликт.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, во саботата се закани дека ќе цели на 52 локации „многу важни за Иран и иранската култура“ доколку Иран воено одговори на американскиот воздушен напад во Ирак каде во петокот беше убиен иранскиот генерал Касем Сулејмани.

Бројот 52, како што рече Трамп, се однесува на бројот на Американци држени како заложници од 1979 година во американската амбасада во Техеран.

Говорејќи со иранскиот амбасадор во УНЕСКО, Азулеј потсети дека Соединетите американски држави и Иран ратификувале две конвенции, во 1954 и 1972 година, за заштита на културните добра и светското наследство во случај на конфликт.

Иран има околу 20 културни локации, впишани на Светското наследство на УНЕСКО, а меѓу нив се древниот град Бам и стариот пазар во Табриз.

Треба да знаете
Последни објави