Search

Угриновски: Им симнувам капа на Владата за успешноста со справување на коронавирусот

Неврохирургот Јовица Угриновски во денешното “Отворено студио” на 24 ТВ даде свој осврт на светската закана Ковид-19 и оценка за мерките во нашата земја: “Ова го предвидов многу години пред да се случи, не знаев кога ќе се случи. За жал, ова требаше да му се случи на светот како последна опомена за она што и го правиме на планетата Земја. Морам да кажам дека здравствено-политичките власти досега успешно се справуваат со кризата. Јас не сум ниту епидемиолог, ниту инфектолог, ниту матичен лекар, ама им симнувам капа за она што досега го направија” – оцени Угриновски. Во поглед на оправданоста на преземените мерки, д-р Угриновски со порака до граѓаните: “Единствениот начин кога имате непријател којшто не го познавате и му го знаете само името коешто вие сте му го дале, не знаете како се однесува и што прави, односно единствениот начин да се контролира пандемијата е да се прекинат социјалните контакти, да се прекине ланецот на што е можно повеќе места за инфекцијата да остане локално. Многу е лесно да се каже затвори го градот, ама зад тоа има многу други импликации. Моја порака до граѓаните е да се почитуваат мерките затоа што 7-8 луѓе го донесоа вирусот во државата, од почетокот вирусот беше импортиран од 7-8 луѓе кои потоа го запалија пожарот и отворија кластери” – порача Угриновски. Во продолжение, д-р Угриновски пласираше една своја теорија врз основа на глобалната слика на најпогодените земји во светот од Ковид-19: “Поранешните социјалистички и комунистички држави подобро се справуваат со епидемијата, за разлика од таканаречените западни држави. Клекнаа на коленици една Италија, една Шпанија и една Америка која себеси се нарекува суперсила. Знаете ли зошто тоа е така? Заради тоа што пристапот им беше капиталистички. На пример, Кина, Куба, Македонија, Хрватска и некои други држави имаат различен пристап, односно здравјето на популацијата им е на прво место, за разлика од капиталистичките земји на кои профитот им е на прво место, а здравјето на второ. Колку за пример, во ек на епидемија во Шпанија 50 000 гледачи го гледаа мечот Аталанта-Валенсија, а во Италија скијачките центри работеа со полна пареа, кај нив профитот е на прво место.” – заклучи Угриновски.

Треба да знаете
Последни објави