Search

Уапсен гастарбајтерот кој куртули од затвор за убиството во Ореше: Петрески пак потпалува автомобили во селото

Поранешниот гастарбајтер, Ѓоре Петрески од Ореше, познат во јавноста како нарачател на „мистериозното“ убиство на Лазо Милошевски пред 15 години во селото е уапсен оти подметнал пожар во автомобил на соселанец, дознава 24 Инфо.

Ова не е прв случај на потпалување за кое се товари Петрески, кој вчера пак е приведен.

-Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за општ и насилен криминал во соработка со СВР Велес на 23.10.2020 по наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Велес изврши претрес во домот на Ѓ.П. во с.Ореше, Велешко, заради сомнение за извршени кривични дела: недозволено изработување, држење, поседување и тргување со оружје и распрскувачки материјали по член 396 и предизвикување општа опасност по член 288 од КЗ. При претресот пронајдени се предмети поврзани со истрагата, а лицето е приведено во ПС Велес. Против Ѓ.П. до ОЈО Велес е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело предизвикување општа опасност со опожарување на моторно возило „опел зафира“ на 03.05.2020 во с.Ореше, велат од МВР.

Петрески веќе беше осуден во 2014 година на четири години затвор за палење на продавница и амбуланта во селото. Сведок во овој предмет беше Златко Арсовски, во јавноста познат како „Бреза“,  псевдоним под кој беше заштитен сведок во контроверзниот случај со убиството на старецот во Ореше.  Токму таткото на сопругата на Арсовски беше следната цел на пироманот од Ореше, кој во март 2015 година во Ореше го запали автомобил „мерцедес“ и продавницата на дедото на Бреза.

Петрески инаку беше осуден како нарачател на убиството на Милошевскикој беше убиен на 2 декември 2005 година додека во неговата куќа подготвувал вечера. Од соседниот двор од триесетина метри растојание околу 20. 40 часот биле истрелани два куршуми, од кои едниот завршил во Милошевски. Тој е пронајден мртов од соселаните следното утро.

Според обвинението убиството било извршено заради одмазда  по нарачка на Петровски, кој од 1997 година живеел на Флорида, САД. Тој за 20 илјади долари побарал од браќата Ордан и Љупчо Ѓоргиевски од Скопје да го убијат Милошевски, бидејќи во 1995 Петровски бил застрелан во глава но преживеал. Тој сметал дека на него на железничката станица Орешка чука пукал Милошевски. Браќата и убиениот Милошевски биле во роднинска врска.

Полицијата на прес-конференција на 4 ноември 2008 се пофали дека убиството во село Ореше е расчистено и посочи тројца осомничени. Доказите беа заштитен сведок, прв во историјата на македонската пракса и рамката од пушката од која наводно било пукано. Но, со време доказите паѓаа. Апелација ја отфрли рамката како доказ, а заштитениот сведок го откри својот идентитет Златко Арсовски, го смени исказот по што доби и затворска казна затоа што лажно сведочел.

Во осумгодишниот судски процес имаше шест пресуди, четири беа затворски и две ослободителни. Последната затворска пресуда беше 13 години затвор за Петрески, а по десет за браќата. Во ноември 2018 скопска Апелација ја потврди ослободителната пресуда за сите тројца.

Треба да знаете
Последни објави