Search

Турчин висок 210 сантиметри нов член на МЗТ Скопје

Поранешниот кошаркарски кадетски, јуниорски и младински репрезентативец на Турција, Рагип Берке Атар (20 год, 210 см) од денеска е нов член на МЗТ Скопје Аеродром, откако потпиша договор со важност до крајот на сезоната.

Станува збор за доскорешен кошаркар на турскиот тим Банвит, за кој настапуваше во изминативе неколку сезони, кој се очекува да им помогне на Бојан Крстевски, Андреј Маслинко, Марин Морнар и Бојан Радуловиќ во битките под кошевите. Атар за тимот од Бандирма настапуваше во турското првенство, но и во Лигата на шампиони на ФИБА, а во Аеродром доаѓа да работи напорно и да се обиде да се избори за што поголема минутажа под тренерската палка на Ѓорѓи Кочов, објави МЗТ.

Атар има настапи на три Европски и на едно Светско првенство во дресот на Турција. За одбележување е неговиот учинок на СП за играчи до 17 години во 2016 година, на кое имаше просек од 11,4 поени и 8,7 скока, како и на јуниорското ЕП истата година кога просечно реализираше 14,4 поени и осум скока. Најдобар репрезентативен настап имаше на континенталниот собир за играчи до 18 години во 2017 година, со просек од 16,4 поени и 7,9 скока.

Дебито на Атар во сино-белиот дрес се очекува веќе в четврток на домашен терен против словенечки Хелиос.

Треба да знаете
Последни објави