Search

Трипуновски: Над 60.000 тони јаболка во Преспа стојат во магацините неоткупени

Власта го клекна земјоделството на колена. Над 60 илјади тони јаболка во Преспа стојат во магацините неоткупени. Почнува новата сезона, а земјоделците не знаат што да прават со родот од претходната година, изјави Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.

„До крајот на откупната сезона остануваат уште 2 месеца, невозможно е да се откупи целата количина од 60 илјади тони за 60 дена, што е премногу извесно дека илјадници тони ќе останат да скапуваат во магацините. Годината што помина ќе остане запаментена како најлоша за јаболкарите во Ресенско, пласман немаше, а револтирани, јаболкарите сечеа овоштарници во најдобрите години и корнеа цели плантажи“, рече Трипуновски.

Додаде дека илјадници семејства, чија единствена егзистенција било земјоделството, се соочени со сиромаштија и не знаат како да се организираат за претстојната сезона.
Затоа, Владата, како што рече Трипуновски, наместо празно политизирање, мора веднаш да ја врати интервентната мерка од 3 денари и да им помогне на јаболкарите.

Опозицијата порача дека очекува итни мерки оти земјоделците имаат потреба од реална помош.

Треба да знаете
Последни објави