Search

Трибина Агенда Социјална заштита 20-24: МТСП е вистински партнер со работниците и граѓанските организации

На трибината Агенда Социјална заштита 20-24 во Штип зборуваше и Билјана Дуковска, експертка за социјална инклузија која потенцираше дека не смее да се штеди на парите за социјала. Платформата против сиромаштија која ја застапува како приоритет го имаше гарантирањето на минималната плата, прашање кое сега е затворено и тоа со зголемување на 12.000, а потоа и на 14.500 денари.
„Но, тоа што ни остана нам како потреба е социјалното мапирање, што практично се случува на терен? Има изолирани луѓе за кои повремено дознаваме од медиумите и кои на некаков начин не може да бидат дел од системот за социјална заштита. Професионализацијата на центрите за социјална работа е исто така важно. Има поместувања во последните години, но секогаш треба да се направи повеќе. Во моментов се инвестира во најсиромашните што е сосема во ред, но не смееме да ги заборавиме граѓаните кои некогаш биле средна класа, а кои сега живеат со минимална плата затоа што тие лесно ќе западнат во сиромаштија”- анализираше Дуковска.
На трибината беше истакнато значењето на социјалните сервиси кои сега функционираат и затоа сега не се тема само домовите за стари лица, како порано, туку приоритети стануваат помошта, негата, соработката, грижата за младите и за децата.
„Подобрено е учевството на граѓаните во носењето политики. Организациите добиваат простор за своите ставови и мислења и сега останува проверката на политиките- дали тие навистина ја намалуваат сирмаштијата. Нам ни е потребна сеопфатна програма за да можеме да зборуваме за квалитетна социјална држава”- потенцираше Дуковска.
Ампева зборуваше дека Владата го препознала потенцијалот на граѓанските организации и ги вклучува во сите активности кои се однесуваат на подобрување на социјалата и на работничките права.
„Мојот личен пример е дека пред три до четири години како текстилен работник имав плата од 7.000 денари. Тогаш зборувавме за нормиран учинок за плата од 9.000 денари. Потоа стигнавме во фаза кога учинокот беше укинат. Има поместувања на работите во позитивна насока. Она што сакам да го истакнам е дека некои работници и денес имаат по 50, наместо по 40 работни часови во неделата, но тие прекувремени саати никаде не се евидентираат, а многу често и не се плаќаат. Затоа е неопходно да се анимираат сите институции. МТСП е вистински партнер и на организациите и на работниците и затоа неговиот пример треба да го следат и другите институции. Ако работодавачите плаќаат за ангажманот на празници, за викенди или прекувремени часови тогаш текстилните работнички нема да останат на минималната плата” – изјави Ампева.
Од граѓанските организации беше споменат предлогот дека недела како ден мора да биде неработен за сите и тоа да се направи ако треба и со законски прописи. Ако тоа се регулира и ако државата застане на страна на работниците во иднина на секој работник ќе му биде загарантиран барем еден слободен ден во неделата.

 

Треба да знаете
Последни објави