Search

Традиционален турнир на лицата со инвалиднoст под покровителство на Општина Кисела Вода

По повод Одбележувањето на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Сојузот за спорт и рекреација на инвалиди на Кисела Вода одржа двонеделни турнири за своите членови и спортистите со инвалидност од град Скопје и најдобрата екипа во ГОЛБАЛ (Фудбал за слепи и слабовидни лица). Овие натпревари, опремата и наградите, како и завршниот чин на 3-то декемвриските турнири беа под покровителство на Општина Кисела Вода на чело со градоначалникот Филип Темелковски и со поддршка од Директорот на Агенцијата за Млади и спорт  на Република Северна Македонија Дарко Каевски.

Градоначалникот Темелковски го отвори турнирот и ги додели наградите на спортистите, додека директорот на Агенцијата за Млади и Спорт, Каевски ги додели дипломите на првонаградените и го затвори турнирот.

Во двонеделното одржување на турнирите продефилираа околу 134 учесници во повеќе дисциплини: шах за сите лица со инвалидност, пикадо за слепи и слабовидни лица, пикадо за лица со телесна инвалидност и глуви лица, пикадо за лица со психофизичка попреченост, пинг понг за лица со телесна инвалидност, глуви лица и лица со психофизичка попреченост, стрелаштво за лица со телесна инвалидност и глуви лица, голбал за слепи и слабовидни лица  и забавни игри (домино, бриџ и јамб).

33 натпреварувачи се закитија со трите највредни одличја.

ССРИ- Кисела Вода може слободно да се пофали од успешно завршената  година на спортски план и постигнатите поединечни и екипни успеси во сите спортови, на одржаните Државни првенства, Лига натпреварите во пинг понг, турнирите во спортско стрелаштво, натпреварите во шах и голбал за слепи лица и се помасовно вклучување на младите во спортот и рекреацијата на лицата со инвалидност.

На свечениот чин на затворањето на 3-то декемвриските турнири, градоначалникот на Општина кисела Вода Филип Темелковски и директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски на присутните спортисти им ветија дека ќе продолжат да работат на подобрување на условите за спортување во постоечките и ќе се заложат за изградба на нови спортски објекти.

Треба да знаете
Последни објави