Search

Тачи го покани Курти на консултации за формирање нова влада на Косово

Претседателот на Косово Хашим Тачи го покана лидерот на  партијата Движење Самоопределување (ВВ) и премиер во оставка Албин Курти, на консултативна средба во врска со дејствијата кои треба да се преземат, откако минатата среда, на 25 март, Собранието му изгласа недоверба на кабинетот на Курти.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Тачи претходно најави дека во текот на оваа недела ќе одржи консултации со парламентарните партии, со цел да започне процедурата за избор на нова влада, која, како што изјави, треба да биде „влада на стабилност, единство и сеопфатност”.

Во писмото од претседателскиот кабинет, кое го пренесоа медиумите во Приштина, Тачи го кани Курти на средба која треба да се одржи в среда во 10 часот.

– По моцијата за недоверба на Владата ќе ги преземам чекорите пропишани со Уставот. Во тој правец, ве поканувам да учествувате на консултативен состанок за да ги одредиме наредните чекори, се вели во поканата.

По првичната најава на Тачи, минатиот четврток, дека ќе ги започне косултациите со косовските политички лидери за формриање нова влада, од партијата на Курти порачаа дека нема да одговорат на барањето на Тачи за номинирање кандидат за премиер и дека очекуваат, веднаш по надминувањето на кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот, да бидат распишани нови парламентарни ибори.

Треба да знаете
Последни објави