Search

Стопанска комора: Проодноста на транспортните коридори, брзиот и непречен проток на стоките е еден од врвните приоритети

Интегрален текст од видео-изјава од Зоран Јовановски, Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања

Ова се тешки времиња, во кои не е лесно да се обезбеди достапноста на важни производи, суровини и репроматеријали. Затоа, проодноста на транспортните коридори, брзиот и непречен проток на стоките е еден од врвните приоритети.

За да помогне во таа насока, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески е во континуирана комуникација со колегите од сите стопански комори од регионот. Комуникацијата се одвива преку мрежата на Коморскиот инвестициски форум и мрежата на Асоцијацијата на европски комори за комерција и индустрија.

Целта е да се обезбеди  непречено снабдување на македонските компании со суровини и репроматеријали, особено за производите кои се неопходни за задоволување на основните животни потреби на населението и производите кои се поврзани со справување и спречување на ширењето на коронавирусот. Пример е проблемот со снабдувањето со меласа, која е основна суровина за производствените процеси, конкретно, за потребите на Фабриката за квасец и алкохол од Битола.  Снабдувањето е попречено поради воведените мерки во Србија и Хрватска за забрана за извоз на определени производи заради обезбедување првенствено на потребите на нивниот домашен пазар. Со цел надминување на овој проблем, претседателот на Стопанската комора на Македонија има интензивна комуникација со стопанските комори од овие земји.

Исто така, проблемот со задржувањето на македонските камиони на турските граници и застојот на транспортот во Турција продолжува и понатаму. Решавањето на овој проблем не оди лесно и брзо, но бара упорност. Во тој контекст, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, ја продолжи комуникацијата со Рифат Хисарчиклиоглу, претседател на Унијата на турските комори и стоковни берзи. Како резултат на тоа, претставници на  Унијата на турските комори и стоковни берзи се во континуирана комуникација со турското Министерство за трговија, со цел надминување на проблемот.

Треба да знаете
Последни објави