Search

Средношколци од Гевгелија имаа незаборавни искуства со „Еразмус+“ во Шпанија и во Ирска

Незаборавни искуства и размена на културни вредности доживеаја ученици од средното училиште „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија, кои учествуваа на „Еразмус+“ проекти во Шпанија и во Ирска. Учеа да готват, да водат хотел, да менаџираат локали, но и како да отворат свои стартап-бизниси.

Вложувањето во стекнувањето нови знаења и вештини е вложување во иднината и во наш заеднички напредок. Проектот „Стартап бизнис за млади претприемачи и обука за туризам и угостителство“ е нашиот одговор на барањата на модерниот бизнис.  Проектот како дел од програмата „Еразмус+“ го заслужува епитетот на иновативност, затоа што двонеделната практична настава во Шпанија и Ирска внесе нов импулс во зајакнувањето на индивидулните капацитети и професионалниот развој кај учениците и професорите – вели директорот на гевгелиската гимназија, Цветан Нелоски.

Целта на практичната обука во Ирска беше учениците да се фокусираат на поттикнување на претприемничкиот дух, да научат да го применат моделот Лин Канвас како алатка за генерирање на бизнис-идејата и да ја разберат улогата на технолошките аспекти при развивање на маркетинг-стратегија. Од друга страна, гастрономскиот туризам е од исклучителна важност за понатамошниот развој на општината, при што училиштето преку соодветна, напредна обука на учениците од угостителско-туристичката струка понатаму ќе придонесува за развој на овој сектор, објаснува тој.

Учениците нема никогаш да ги заборават овие искуства.

Софија Петкова, ученичка во трета година, Катерина Венова, ученичка во прва година економско-правна и трговска струка во СОУ„Јосиф Јосифовски“, Гевгелија изјавија:

-Благодарение на програмата „Еразмус+“ имавме прилика да го користиме и подобриме својот англиски јазик, стекнавме искуство околу креирањето на веб-страница и составување на стартап-идеја преку моделот Лин Канвас. Имавме можност да запознаеме многу успешни луѓе кои со нивното досегашно искуство преку презентации и секојдневни часови ни прикажаа многу идеи и совети за започнување на нов сопствен бизнис. Мора да признаеме дека многу од идеите беа непознати за нас, но се покажале многу успешни. Посетивме неколку сопствени бизниси кои што успеале невозможното да го направат возможно, како на пример „Attention Attire“. Ова е бизнис кој од одржаните фестивали ги користи отфрлените шатори и други материјали, а потоа преку преработка креира нови парчиња облека. Исто така преку секојдневните часови и домашните задачи успеавме да дојдеме до своја идеја и да креираме веб-страница. Успешните идеи ги презентиравме последниот ден од нашиот престој во Даблин пред Фран, Кејти, Дејвид, Марк и Расел. Ни беше многу тешко да се разделиме од нивниот начин на предавање и од нивниот пријателски однос. Ние сме премногу задоволни од оваа обука, затоа што стекнавме многу знаења поврзани со нашата струка и совети за развој на идеи во блиска и понатамошна иднина, велат учесниците.

Проектот „Стартап-бизнис за млади претприемачи“ е програма поддржана од DRL Development Resources Ltd – Ирска во соработка со СОУ„Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија

Нашиот престој во Даблин, Ирска, го започнавме со краток вовед во методологијата Лин Канвас, која се фокусира на потребите на клиентите, објаснуваат професорите што учествуваа.

-Во минатото, најпрвин се пишувале многу детаљни деловни планови, се купувале фабрики, се правеле производите, а потоа се барале клиенти. Се инвестирало многу време и пари, без сигурност дека ќе се најдат клиенти. А во бизнисот, ако нема клиенти, нема ни пари. Овде важи следното златно правило: Не наоѓајте клиенти за вашите производи. Пронајдете производи за вашите клиенти! Во е-бизнисот, многу е важно е да се биде онлајн и во тоа да се биде постојан.

За време на двонеделната обука посетивме и неколку локации: го посетивме и селото Хоуф кој се наоѓа на даблинскиот залив. Таму има успешни бизниси, привлекува многу посетители благодарение на својата местоположба, зачуваната природа, чистата околина.

Го посетивме Европскoто седиште на „Мајкрософт“. Направивме обиколка низ зградата вредна 134 милиони евра. Мајкрософт-Ирска работи 24/7. Постојат 74 видови столчиња, бидејќи вработени во „Мајкрософт“ потекнуваат од 74 различни националности. Влезот е дизајниран да изгледа како пристаниште.

Го посетивме Институтот за уметност, дизајн и технологија. Тоа е колеџ кој нуди програми од областа на дигитален маркетинг, бизнис менаџмент, креативни уметности, компјутерска и дигитална медиумска технологија и др. Наш фокус беше анимацијата и употребата на анимација во дигиталниот маркетинг.

Неколкумина ученици од Хотелско-туристичката струка со нивни професори поминаа две недели на обука во ресторанот „Ла Плаза“ во Бахиа Фелиз, Гран Канарија. Тие имаа прилика да извршуваат задачи во кујна.

-И тоа баш каква што е кујната, жешка, опасна, полна со стрес и предизвици, жива. Имавме можност да подготвиме јадења по рецепти од медитерантска, шпанска кујна под будното око на нашите обучувачи, домаќини кои љубезно ни покажуваа и нѐ упатуваа во тајните на готвењето.  Благодарение на господинот Сашо Ѓорѓиоски, кој беше главен обучувач и кој е сопственикот и главен готвач на ресторантот La Plaza имавме  вистинско кулинарско патување низ царството на шпанската кујна.  Стекнатото искуство таму ме мотивира да продолжам да се усовршам со своите знаења во оваа област и на факулет, вели ученичката Ванеса Букова.

За професорката Зорица Лешевска знаењата и вештините со кои учениците се здобија за време на обуката се од непроценливо значење, пред сѐ, поради тоа што се работеше во секојдневни услови, вистински и непредвидливи.

-На располагање имаа материјали од кои приготвуваа јадења, ги сервираа и ги послужуваа, проследени со упатства од специјалистите на кујната и ресторанот, и тоа пред приготвување, за време на приготвувањето и при сервирање и послужување на истото. За учениците и за мене како професор ова беше можност која се укажува еднаш во животот, а искуството стекнато овде го применувам на часовите, вели Лешевска.

Овде видиците ни се проширија, како во поглед на туризмот, така и кон самите учесници во туризмот, вели проф.Бранко Бизоев.

-Ситуации предвидливи, но и непредвидливи, изнаоѓање решенија за истите. Учениците имаа можност директно да бидат инволвирани, да се запознаат, но и да се соживеат со аспекти од најразличен карактер од областа на маркетингот и менаџирањето во туризмот и хотелиерството – вели Бизоев.

Ученикот Илија Ангеловски е импресиониран  од убавините на местото каде што престојувале, особено од прекрасно дизајнираните објекти: ресторани, хотели и апартмани.

-Вештините кои таму ги здобив ги споделив со учениците и другарите и заклучив дека сега имам поголеми видици од претходно. Искуството со кое овде се здобив во поглед на угостителството, хотелиерството и туризмот ја зацврсти мојата одлучност за идната кариера да работам како менаџер, вели Ангеловски.

 

Треба да знаете
Последни објави