Search

Спасовски на средба со раководството на СВР Скопје

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одржа работна средба со раководството на СВР Скопје, како најкомплексен Сектор на подрачјето на целата држава, кој се карактеризира со најголем обем и сложеност во работните задачи. Посетата на СВР Скопје е почеток од серијата посети кои министерот ќе ги има со Секторите за внатрешни работи и Регионалните центри низ државата за согледување на сработеното, како и лично запознавање со реализираните активности во 2022 година и со постигнатите резултати.

На средбата министерот Спасовски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Скопје, состојбите со криминалитетот, како и активностите кои ги презема Секторот, во насока на намалување на стапката на криминалитет, одржување на поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните.

На средбата министерот Спасовски напомена дека во периодот јануари-октомври 2022 година, споредбено со истиот период минатата година, евидентно е намалувањето на севкупниот број на кривични дела за околу 10%, а забележано е зголемување на ефикасноста во расчистувањето на кривичните дела од областа на економскиот криминал за 11,1%.

„Зголемување за 6,52% бележи и процентот на расчистени разбојништва и разбојнички кражби. Со посебно задоволство ќе споменам дека во борбата против нелегалната трговија со дрога СВР Скопје минатата година може да се пофали со заплена од рекордни 215 кг марихуана, а годинава дури 1,5 кг кокаин “, истакна Спасовски.

Од раководството на СВР Скопје министерот беше информиран дека безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Скопје е на задоволително ниво, што е особено важно за сите граѓани во еден милионски град како што е градот Скопје, кој претставува и главен административен, деловен и образовен центар.

Спасовски потенцираше дека во однос на состојбата со јавниот ред и мир, во 2022 година, споредбено со деветте месеци од претходната година, евидентирано е намалување на овој вид прекршоци за 44,7%, особено во делот на физичките напади и предизвикување или поттикнување тепачка. Драстично подобрување на статистиките на подрачјето на СВР Скопје се бележи и во поглед на сообраќајот, односно сообраќајните незгоди и последиците од нив.

Во однос на активностите кои годинава ги реализираше Одделението за превенција при СВР Скопје, Спасовски напомена дека тие се само потврда дека МВР цврсто се држи до слоганот од 2017 „МВР за граѓаните”.

Министерот Спасовски изрази уверување дека СВР Скопје и во наредниот период ќе продолжи со зголемена динамика при реализација на превентивните активности, но и на репресивните мерки, како резултат на кои во поглед на ефикасноста оваа година ќе биде испратена со добри резултати, што ќе биде дополнителен мотив за уште подобри резултати во годината што следи.

Треба да знаете
Последни објави