Search

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, присуствуваше на отворањето на Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар во Охрид

Сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на Центарот за рани интервенции и третман кај деца со нарушување од аутистичен спектар во ЈЗУ Општа болница – Охрид, наменет за деца на возраст од 2 до 8 години. Центарот е изграден со донација на Владата на Република Бугарија преку Програмата за помош и развој за 2019 година. Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „Во мојот свет”, а е поддржан од Министерство за здравство на Република Северна Македонија, кое ги отстапи просториите за користење во рамки на Општата Болница во Охрид и болницата Св. Еразмо.

„Навистина ова претставува преубав простор, кадешто ќе може децата да се третираат со најсовремени методи. Им посакувам успех во иднина. Како што слушнавме, веќе има пријавено пациенти и се повеќе ќе се пријавуваат. Верувам дека овој центар ќе придонесе за подобрување на здравствената состојба на голем број деца”, изјави Ѓоргиевска.

Nа отворањето на центарот присуствуваа и Венко Филипчe, министер за здравство на Република Северна Македонија, Кирил Ананиев, министер за здравство на Република Бугарија, Ангел Ангелов, амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, Славица Малеска Стојадиновиќ,  директор на ЈЗУ Општа болница – Охрид, Златко Стојановски, претседател на Здружението за аутизам „Во мојот свет”, Димитар Иванов, генерален бугарски конзул во Битола и Антонија Велева, советник во Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Сопругата на Претседателот, заедно со дел од присутните на отворањето на Центарот, ќе посетат основни училишта во три битолски села: Бач, Радобор и Чарлија. Во ОУ „Гоце Делчев” во с. Чарлија, на официјалното презентирање на реализираните проекти за реконструкција на училиштата од страна на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, учениците од трите училишта ќе изведат пригодна програма.

Треба да знаете
Последни објави