Search

Собраниските претседатели на ЈИЕ: Заедничките вредности се клучот за успех на ЕУ

– По вчерашната средба во Будимпешта, претседателите на собранијата на земјите од Југоисточна Европа и Вишеградската група потврдија дека го поддржуваат проширувањето на Европската Унија и истакнаа дека секоја европска земја може да влезе во ЕУ ако ги негува истите вредности.

Според нивното соопштение препратено од унгарскиот Парламент, каде што се одржа средбата, претседателите на парламентите на ЈИЕ и Вишеградската група велат дека политиката на проширување е меѓу најуспешните политики на ЕУ, па Унијата треба да остане отворена кон земјите што се подготвени да се приспособат кон нејзините стандарди.

Собраниските претседатели ги повикуваат шефовите на државите членки да согледаат дека „јасната заложба загарантирана во Член 49 од Договорот за Европската Унија, кој вели дека сите европски држави можат да влезат во ЕУ под услов да ги имаат истите вредности” е клучна за успехот и напредокот на Унијата.

– Пристапувањето на државите од Југоисточна Европа во ЕУ не само што има влијание врз безбедноста, стабилноста и просперитетот на самиот регион туку и на целиот континент, се вели во соопштението.

Собраниските претседатели ги повикуваат политичките лидери на земјите членки на ЕУ да дадат сè од себе за да донесат одлука за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија во најкус можен рок.

Секоја држава во регионот треба да напредува врз основа на сопствените заслуги за на крај да стане членка на ЕУ, се додава во соопштението, кое подвлекува дека процесот на пристапување треба да се направи подинамичен со земјите што се веќе во фаза на преговори.

Конечно, собраниските претседатели изразуваат благодарност до колегите од Вишеградската група за нивната силна посветеност, поддршка и лобирање за забрзување на отворањето пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави