Search

Собраниска делегација на Трансатлантскиот парламентарен форум во Вашингтон

– Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија предводена од пратеникот Илија Димовски, шеф на Делегацијата и заменик-шефот на Делегацијата, Африм Гаши ќе учествува на годишниот 19. Трансатлантски парламентарен форум, што во заедничка организација на Парламентарното собрание на НАТО и Атлантскиот совет ќе се одржи од 9 до 11 декември 2019 година во Вашингтон.

Како што соопшти собраниската прес-служба, на Форумот, кој се одржува во рамки на редовните заседанија на ПС на НАТО, се очекува да се обратат највисоките претставници на Атлантскиот совет, високи претставници на Стејт Департментот и Пентагон, етаблирани меѓународни аналитичари за безбедносни и одбрамбени политики и еминентни професори од американски и европски универзитети кои работат на безбедносни прашања. Предвиден е и посебен Конгресен панел, на кој покрај членовите на делегацијата на американскиот Конгрес во ПС на НАТО, се очекува учество на поголем број конгресмени.

Темите на дебата ќе се фокусираат на нуклеарното оружје, контролата и НАТО, САД и глобалниот поредок, видувања од Конгресот за трансатлантските односи, САД, Иран и Голфскиот Залив, САД и Далечниот Исток, Русија и Украина;, Вашингтон пред претстојните американски претседателски избори во 2020, актуелната криза во Сирија и на поширокиот Блиски Исток и американскиот пристап кон Авганистан.

Форумот, што претставува традиционална речиси дводецениска размена на видувања и отворена дебата според правилата на Четам Хаус, ја отсликува синергијата и координацијата меѓу владината и парламентарната димензија на НАТО и овозможува на парламентарните претставници на сојузниците изворно да се информираат за глобалната светска политика и безбедносните предизвици и за тоа како Алијансата гради и имплементира консензуални и балансирани одбрамбени политики.

Треба да знаете
Последни објави