Search

Скромниот херој на СП 2019: Данскиот голман засега е најдобар играч на првенството

Во првите четири натпревари од Светското првенство во ракомет 2019 Никлас Ландин бранеше речиси неверојатно, па за повеќето ракометни аналитичари тој веќе ја има заслужено титулата најдобар играч на турнирот.

 

Данскиот голман во победите на неговата репрезентација сопре дури 51% од ударите на гол на нивните противници, односно одбрани 43 од 85 шутеви на гол.

Само уште двајца голмани имаат учинок од над 40% 0 Норвежанецот Еспен Кристенсен и Швеѓанецот Андреас Палицка.

Одличната форма на Ландин им дава дополнителен оптимизам на Данците, кои заедно со Германија се организатори на првенството, со поддршка на навивачите да ја освојат титулата светски прваци.

„Добро беше“, скромно рече Ландин откако беше херојот на Данска во последната победа против Австрија (28:17). Австријците во 19-тата минута поведоа на 7:3 и се надеваа дека ќе може да постигнат сензација, а потоа 30-годишниот голман на германски Кил стана просто несовладлив.

До крајот на натпреварот запиша 14 одбрани и ја донесе репрезентацијата до четвртата победа во исто толку натпревари.

„Одбраната многу ми помогна. Не е тешко да браниш кога имаш одлична одбрана пред себе. Одлично комунициравме, менувавме тактики и на крај сосема ги збунивме. Со тоа им пративме порака на сите следни соперници.“

Пред Ландин се поклонува и селекторот Николај Јакобсен.

„Тој прави чуда, Данска е одушевена. Има голем авторитет и неверојатен процент на одбрани. Ако вака продолжи, би можеле да одиме до крај“, рече Јакобсен.

Данска денес игра против Норвешка од 20:15  – натпреварот ќе одлучи која репрезентација ќе понесе четири бода во вториот круг.

Ландин ќе има тешка задача, имајќи предвид дека Норвежаните во четири кола дадоа неверојатни 149 погодоци.

Треба да знаете
Последни објави