Search

„Скрин интернешенал” за филмот „Врба” – величествен, трогателен и длабок

„Скрин интернешенал”, еден од најголемите светски филмски магазини, објави одлична рецензија за „Врба” и филмот на Милчо Манчевски го оцени како „величествено, карактерно раскажување”. За филмот овој магазин пишува по фестивалот во Талин, каде што „Врба” играше во програмата „Потписи – најнови филмови на велемајсторите”.

Критичарот Деметриос Матеу вели дека „Врба” е „еден од оние филмови кои се чинат лабави додека ги гледаш, но кои допираат до сржта и остануваат таму, трогателни и длабоки”. Тој, меѓу другото, наведува  дека „Врба” го следи структурниот заштитен знак на режисерот – збирка приказни, кои го премостуваат времето и местото, а сепак се поврзани на некој начин.

Критичарот со пофални зборови за продукцијата за која вели дека е за пример, како и за музиката на  Кирил Џајковски – „префинета со влијанија од македонската народна музика, поттикнува емоции секојпат кога ќе засвири”.

Магазинот пишува дека филмот ќе биде привлечен за меѓународната уметничка публика поради „универзалната тема, возбудливото раскажување и можноста што Манчевски им ја дава на трите префинети актерки”.

Исто така, за време на фестивалот во Талин, најтиражниот естонски весник „Постимеес” го вброи „Врба” меѓу топ 5 филмови што треба да се видат, нарекувајќи го „многу хумана и мајсторски изведена приказна што го одзема здивот”.

Треба да знаете
Последни објави