Search

Си-Ен-Ен: САД извлекле свој длабоко инфилтриран шпион од Русија во 2017 година

Во 2017 година САД извршиле операција на извлекување врвен шпион со највисоко ниво на достап до разузнавачки информации од Кремљ, поради покажаната блискост на претседателот Доналд Трамп со Москва, јави денеска Си-Ен-Ен.

Се наведува дека постоењето на толку длабоко инфилтриран таен извор на САД кој предавал информации за случувања и одлуки на најтесното раководство во власта на рускиот претседател Владимир Путин, била најстрого чувана тајна за која не бил брифиран ниту претседателот Трамп.

Се укажува и дека ексфилтрацијата на агентот била извршена поради стравувања дека Трамп, кој уште на почетокот на својот мандат изрази симпатии кон рускиот претседател Владимир Путин, може случајнио или намерно да предаде строго доверливи инфорамции на Кремљ.

Се наведува случајот од средбата на Трамп со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и рускиот амбасадор во Вашингтон, Сергеј Кисељак, во Белата куќа во мај 2017 година, кога американскиот претседател тогаш направи грешка и им предаде доверливи информации на Русите.

Тајните информации се однесуваа за терористичката организација Исламска држава, а биле обезбедени од Израел.

Американски официјални лица биле алармирани по средбата зад затворени врати на Трамп со Путин во Хамбург во јули истата година, кога претседателот им рекол на преведувачите да ја напуштат просторијата и останал насамо со неговиот руски колега.

Според Си-Ен-Ен, информации за тајното извлекување на длабоко инфилтриран врвен шпион од Русија биле споделени со тесен круг на официјали лица од администрацијата, не се открива местото каде сега се наоѓа мошне корисниот агент на САД.

Џон Сајфер, поранешен оперативец во Централната агенција за разузнавање (ЦИА), соопшти денеска на Твитер дека регрутирање извор со клучен пристап до централната власт на главните соперници на САД, Русија и Кина, „е многу тешко, шанса што се добива еднаш во животот или уште поретко”.

-Да се заштити таков извор и да остане безбеден е макотрпна работа. Затоа, кога таква строго тајна операција пропаѓа, тоа е голема загуба, соопшти Сајфер.

Русија е позната по вонсудско справување со свои луѓе кои предавале класифицирани документи на западни влади и агенции.

Позната е страшната смрт со труење од полониум на поранешниот таен агент на руската безбедносна служба ФСБ, Александар Литвиненко во 2006 година, како и минатогодишниот напад со нервен гас „новичок” врз Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија. И двата напада беа одмазда на руските тајни служби за соработката на овие агенти со западни влади, двата напади се случија во Велика Британија. Лани против Русија беа воведени санкции од САД и други европски земји поради напад со хемиско оружје.

Во врска со извлекувањето на длабоко инфилтрираниот американски извор во Кремљ, од Белата куќа изјавија дека „прилогот на Си-Ен-Ен не е само неточен, туку има потенцијал да стави во опасност многу животи”.

Треба да знаете
Последни објави