Search

Сиромашните гладуваат, тони храна се фрлаат, а донаторите чекаат закон

Македонија е земја која се уште нема Закон за банки за храна. Во моментов Агенцијата за храна подготвува закон кој треба да ги опфати трите различни сегменти кога храната е во прашање. Прво  како да се постапува со храна која е со изминат рок и може да се користи и по него, што со храната која останува по прослави и како да се донира и што со храната која е пред истек на рокот. Според податоците на депонијата „Дрисла“во просек кај нив годишно завршуваат околу 200 тони на храна која се уништува по различни основи, а се претпоставува дека само во Скопје годишно во „канта“ одат околу 2.000 тони на храна од семејствата. 

Валентина Ангеловска

Имате ресторан за свадби и прослави и секоја вечер ви останува храна со која не знаете што да направите? Законот не ви дозволува да ја донирате бидејќи го нема. Експертите од оваа област велат дека се свесни за количините на храна која се појавува како вишок или пак е со поминат рок, а сепак може да се јаде. Објаснуваат дека нивен став е дека се расположени за подготовка на ваков закон, но засега нема иницијатива.

– Со банките на храна ќе се нахранат многу луѓе. Сите фрламе големи количини на храна, а таа останува и подготвена, но непродадена во многу трговски објекти и секако дека се фрла. Треба да  се направи законска рамка истата да се донира- велат експертите.

Во Агенцијата за храна велат дека се подготвени за носење на ваков закон, но дека мора да се предвидат сите критични точки.

-Целта е сите да добијат безбедна и здрава храна. Мора многу внимателно да се работи на законот бидејќи треба да се предвидат сите ризични точки, кој и како ќе ја собира храната, кој ќе ја дистрибуира до ранливите категории. Крајна цел е никој да не биде оштетен по ниедна основа- вели Зоран Атанасов- директор на Агенцијата за храна. Според него, многу е битна законската основа но и стимулот на големите компании да донираат храна.

Македонија има банка за храна

Во државава веќе функционира невладина организација „Банка за храна“. Претседателот на оваа невладина организација, Душко Христов вели дека нивна задача е собирање и складирање, но евидентирање и неодложно дистрибуирање на донираната храна која е наменета за финансиски немоќните и ранливи категории на граѓани.

-Банката има мисија да се бори против гладот и недостигот од храна во земјава. Целта е  да придонесе во борбата на државата за намалување на сиромаштијата. Нашето  делување на организацијата е посветено на: создавање синџир од граѓани-волонтери, производители на храна, земјоделци, претставници на прехрамбената и кондиторска индустрија, на супермаркетите.. Целта е да се собира, складира, евидентира и неодложно дистрибуира донирана храна- вели Христов.

Над 330 лица секојдневно добиваат леб и лиснати производи од нивна страна. И тие се за брзо носење на закон, кој ќего дефинира нивното делување.

Србија иако пионер- остана без закон

Србија беше пионер во иницијатива и носење на Законот за банка за храна. Иако беше најавено дека до крајот на оваа година истиот ќе се донее, нема ни трага ни глас од него. Извештај на Европската комисија, пак, вели дека повеќе од 100 милиони тони храна годишно се фрла во земјите членки и само 3 отсто од неа се рециклира. Според проценките на Комисијата, количината на фрлената храна до 2020 година ќе се зголеми на 126 милиони тони.

-Околу една третина од произведената храна во светот пропаѓа или се фрла, се наведува во извештајот. Според истиот извештај за 42 проценти од вкупната количина на фрлена храна одговорни се домаќинствата, а за 39 отсто е одговорна прехранбената индустрија. За околу 14 проценти виновни се рестораните, а за 5 проценти од храната фрлаат маркетите. Во Германија пак, според една студија од Универзитетот во Штутгард, годишно на ѓубриште се фрлаат 11 милиони тони храна. Според проценките на европските експерти во ЕУ годишно се фрлаат околу 180 килограми храна по жител.

Француската Влада пред неколку години  прва донесе закон со кој на маркетите кои имаат над 400 метри квадратни простор им се забранува фрлање на храна со поминат рок. Доколку сепак се решат да ја фрлат, казната која им следува е од 75 до 80.000 евра или две години затвор на сопственикот на маркетот.

 

 

Треба да знаете
Последни објави