Search

СзС: Европските посредници се согласуваат дека во Србија постои политичка криза

Делегацијата на Сојузот за Србија (СзС) изнесе јасно познати стави дека во Србија не постојат услови за фер и демократски избори, бидејќи институциите се уништени и не постои владеење на правото ниту слобода на медиумите, соопштија од СзС по работниот појадок со претставниците на ЕУ кои посредуваат во меѓупартиски дијалог во српскиот Парламент.

Како што јави  дописникот на МИА од Белград, од СзС додадоа дека европските соговорници се согласиле дека постои политичка криза во Србија и дека власта сноси голема одговорност.

Делегацијата на СзС вчера и денеска во два наврати разговараше со претставници на Европскиот парламент за изборните услови, на одвоени состаноци без претставници на владејачката коалиција. Европските парламентарци го прифатија барањето на СзС да се смени форматот на дијалогот и тие да посредуваат во дијалогот меѓу власта и опозицијата, се наведува во соопштението на СзС, во кое се додава дека на „двата состанока недвосмислено е истакнато дека е невозможно да се обезбедат фер услови за изборите на пролет 2020 година, бидејќи тие мора да важат најмалку девет месеци пред одржување на избори и дека затоа нема да учествуваат на пролетните избори”.

На состанокот присуствуваа претседателот на Комитетот за стабилизација и асоцијација со Србија, Тања Фајон и шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, новиот известувач на Комитетот за надворешни работи на ЕП за Србија Владимир Билчик, претставникот на ЕП Едуард Кукан и лидерот на Партијата за слобода и правда (ССП) Драган Ѓилас, лидерот Двери, Бошко Обрадовиќ, претседателот на Заедно за Србија (ЗзС), Небојша Зеленовиќ и претставникот на Социјалдемократската партија, Марко Ѓуришиќ.

Во меѓувреме на ова соопштение, како што јави дописникот на МИА од Белград, во српскиот Парламент се одржува вториот круг на меѓупартискиот дијалог за изборните услови со посредство на европските парламентарци и невладини организации, на кој не дојдоа претставниците од СзС, Демократската партија на Србија (ДСС), Движењето доста беше и Српската радикална партија.

Пред состанокот претседателката на парламентот Маја Гојковиќ изјави дека е задоволна од одѕивот на партиите на дијалогот, дека ќе се разговара за подобрување на изборните услови, истакнувајќи дека нема да има одложување на редовните парламентарни избори.

Со тоа, таа одговори на барањето на СзС, кое пред два дена го истакна еден од лидерите на СзС и на Двери, Бошко Обрадовиќ, дека е „важно да се пролонгира терминот за избори од пролет на есента 2020 година, како и дека е потребно формирање на техничка влада според примерите на Црна Гора и Северна Македонија”.

Делегацијата на ЕП веќе ги заврши разговорите со претседателот Александар Вучиќ, на кои, според кусото соопштение од неговиот Кабинет „разговарано е за сите важни прашања и забелешки на дел од вонпарламентарната опозиција за изборните услови и процедури во Србија”.

Треба да знаете
Последни објави