Search

СЗО: Пандемијата не слабее, се влошува, критична ситуација на Блискиот Исток

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека во јуни се регистрирани дури 60 отсто од вкупно 10-те милиони заразени со коронавирус во светот, што, предупредува таа, покажува дека епидемијата се влошува, а не слабее.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, изјави  дека секој ден има по 160.000 нови случаи и ги повика сите држави да преземат сеопфатен пристап во борбата против вирусот.

-Пронајдете, изолирајте и грижете се за секој случај, следете ги и ставајте ги во карантин нивните контакти, обучете и опремети ги здравствените работници, едуцирајте и оспособете ги граѓаните да можат да се заштитат себе си и другите, рече Тедрос.

Тој предупреди дека земјите што применуваат само дел од мерките имаат „долг пат”, го пренесе „Гласот на Америка”.

-Не само тестирање. Не само физичко растојание. Не само следење контакти. Не само носење маски. Туку се одеднаш, рече Тедрос, нагласувајќи дека една од работите што ги научи во изминатите шест месеци е дека никогаш не е доцна да се промени ситуацијата во една земја.

Директорот на СЗО истакна дека носењето маска понекогаш може да спаси живот.

Блискоисточните земји достигнале „критичен праг” во одговорот на пандемијата на новиот коронавирус, откако мерките за карантин постепено се ублажени со отворање на границите.

Ахмед Ал-Мандхари, директор на СЗО за регионот на источниот Медитеран, изјави дека бројот на регистрирани случаи на зараза со коронавирус во јуни бил поголем отколку во текот на четирите претходни месеци заедно.

Тој истакна дека околу 87 отсто од смртните случаи како последица на Ковид-19 се потврдени во само пет земји од регионот – Иран, Ирак, Саудиска Арабија, Египет и Пакистан.

Помалку случаи на зараза се забалежани во Сирија и Јемен, меѓутоа Ал-Мандхари смета дека тоа е веројатно последица од проблемите при спроведување на тестирањата, лекувањата и следењето на контактите на заболените, поради војните во овие земји.

Треба да знаете
Последни објави