Search

Се одржаа 35. „Мариовско-мегленски културни средби”

 Со голема веселба, песни, ора, приказни за итар Пејо и поезија за Мариово, денеска во манастирот „Свети Илија” кај селото Витолиште се одржаа 35-те „Мариовско-Мегленски културни средби”.

Повеќето некогашни и малкуте сегашни жители на големото Мариово, на ретко населената област, со голема носталгија се сеќаваа на некогашните времиња кога имало полни села луѓе, детска смеа, планини со стада, но сега Мариово е тивко, жално и раселено. Велат, тешко, без услови, дека ќе се вратат жителите назад.

Поранешните жители од Мариово, Мате Маркоски и Стеван Петрески се сеќаваат на некогашните времиња.

-Нема шанса да се врати народот во Мариово и не е тоа Мариово што го знаевме. Селата се испустија, ама времето тоа си го носи. Порано сѐ имаше. Овде, за овој ден и за Свети Илија се приготвуваше за 10.000 луѓе. И ние би сакале да се вратат поранешните времиња, ама тешко, вели носталгично Маркоски.

Според него, некогаш во Мариово имаше добиток колку за цела Македонија. Сѐ беше обработено, се ораше со рало, со плугови, а денеска има машини, ама во Мариово нема ништо.

-Кој знае дали ќе се промени нешто. Само ако државата им направи куќи на луѓето, да им даде машпини, социјална помош, инаку останува вака пусто Мариово. некогаш имаше илјадници, а сега во прилепско Мариово ако има околу 200 жители, повеќе нема, вели Петрески кој е роден во мариовското село Пештани, а живее во Прилеп.

Петре Орданоски, родум е од селото Манастир, а сега живее во Прилеп.

-Моето село е Манастир, а сега живеам во Прилеп. Мариово сега е тажно, иселено, нема луѓе, тежок е животот. Луѓето се осамени. Некогаш во Манастир се живееше убаво, сега има само една фамилија, вели Орданоски.

Никола Дамчески поранешен жител на селото Кален е скептичен дека жителите може да се вратат да живеат во Мариово, без основни услови.

-Потекнувам од селото Кален. Сега во Кален е пустош, останаа уште двајца луѓе, а имаше 52-3 куќи. Сѐ недостасува во Мариово, народот повеќе не се враќа назад, оти нема услови за живот. Не чини патот, нема струја, инфраструктура, нема фабрики и нема народот во Мариово што да прави, вели Дамчески.

Со години на Средбите не доаѓаат жителите преку границата, од Меглен, но Мариовци со надеж ги очекуваат. Стојан Ѓуровски, претседател на здружението за Мариовско-мегленските културни средби вели дека не се откажуваат од одржувањето на традицијата и на културните вредности на Мариово. За Ѓуровски, Мариово, полно со рудни богатства и чиста еколошка средина има надеж преку изградбата на хидроелекричната централа Чебрен, а има потенцијали и за туризам.

-Целта на Средбите и на другите активности се испитување, негување и проширување на културното наследство на двата региона – Мариово и Меглен. Јас сум мариовец и иднината на Мариово ја гледам во богатството кое лежи под мариовската земја, односно јагленот, кој е подобар од Битолскиот, ониксот, рудите, а над земјата се природната вода, чистата и здрава еколошка средина. Она што ќе го оживее Мариово е изградбата на браната и на хидроелектричната централа Чебрен, а потоа и Галиште. Мариово има многу руда и минерали, често слушаме колку е богат Алшар, со дури 46 минерали. Мариово е погодно и за развој на туризмот, Ѓуровски.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски потенцира дека е безрезервана поддршката за Мариово и смета дека стратегијата на државата е изградба на Чебрен.

-Ова културно наследство што го имаме од Мариово треба да се чува и да се негува. Овој запоставен дел на Македонија одамна побудувал интерес.  Мислам дека владата има стратегија и доколку се нарави хидроелектраната Чебрен регионот и државата ќе имаат благодат, рече Јованоски.

На денешните Мариовско-Мегленски културни средби беа прогласени најдобрите на конкурсот за поетска творба за мариово, учениците од прилепското основно училиште „Кочо Рацин” со драмски приказ потсетија на најпознатиот лик од прикзаните Итар Пејо, а настапот на културно-уметничките друштва од Прилеп, Битола и од Кавадарци го покажаа богатиот фолклор од овој голем крај.

Треба да знаете
Последни објави