Search

Се зголемува тензијата помеѓу Индија и Пакистан по нападот во Кашмир

Премиерот на Индија, Нерендра Моди денеска вети силна одмазада за нападот со автомобил-бомба во Кашмир при што загинаа 44 припадници на безбедносните сили.  Тој за нападот го обвини Пакистан.
– Ќе испратиме соодветен одговор, нашиот сосед нема да може да не дестабилизира, изјави Моди откако свика седница на Советот за безбедност, на која ќе се разговара за одговор на нападот.

Индиската Влада наведе дека има цврсти докази дека за нападот е одговорен Пакистан, додека Исламабад негира.

По самоубиствениот напад врз конвој на индиските безбедносни сили одговорност презеде исламистичката милитантна група Јаиш-е-Мохамад (ЈеМ), чие седиште е во Пакистан.

– Индија ќе се погрижи по дилломатски пат во целост да го изолира Пакистан. Како прв чекор, Индија ќе и го одземе статусот на Пакистан на повластена нација во трговијата со Индија. Министерството за надворешни работи ќе ги преземе сите можни чекори, а јас сум овде за да ги потенцирам сите дипломатски напори за целосна изолација на Пакистан од меѓународната заедница, изјави шефот на индиската дипломатија Арун Џејтли по средбата со Моди.

Пакистанското Министерство за надворешни работи негира каква било вмешаност во нападот во Кашмир.

Во меѓувреме, Белата куќа го предупреди Пакистан дека „мора веднаш да ја прекина поддршката и да не им пружа засолништа на терористичките организации кои дејствуваат на негова територија”.

Индиските безбедносни сили се борат против исламистичките милитанти во Кашмир од вооружениот бунт, што почна во 1989 година, при што се убиени десетици илјади луѓе, но нападите со автомобили-бомба се ретки.

Последниот голем напад во Кашмир беше во 2016 година кога милитантите нападнаа камп на индиската армија во градот Уриј, при што загинаа 20 војници.

Моди ја презеде власта во 2014 година со ветување дека „ќе го смири мислиманскиот Пакистан”, со кој Индија двапати војуваше по стекнувањето независност од Велика Британија во 1947 година.

Кашмир е регион за кого Индија и Пакистан со децении имаат спор. Во Кашмир поголемиот број жители се муслимани. Индија го обвинува Пакистан дека финансиски ги поддржува милитантите. Исламабад тврди дека на кашмирските муслимани му пружа само морална и дипломатска поддршка во нивната борба за самоопределување.

Треба да знаете
Последни објави