Search

СДСМ: Преку повеќе акции институциите здружено делуваат за решавање на проблемот со загадувањето

Преку повеќе акции за зазеленување и засадување на дрвја институциите здружено делуваат за решавање на проблемот со загадувањето, велат од владејачката СДСМ во нивното соопштение.

„По 11 годишното игнорирање на проблемот со загадувањето на воздухот, по една деценија непреземање ништо и системско уништување на зеленилото од страна на криминалното ВМРО-ДПМНЕ, денес, низ сеопфатна системска акција се преземаат мерки против сите извори на загадување.

Над автопатот Велес-Скопје кај езерото „Младост“ над селата Отовица и Чалошево, во изминатите десетина дена на површина од 50 хектари засадени се околу 100 000 висококвалитетни садници од багрем јасен и јавор.

Акцијата за засадување нови дрвја и за обновување на дрворедите во Скопје вчера продолжи со засадување на 300 дрвја јасен и јавор.

Во тек е есенска акција на Град Скопје за засадување при што ќе бидат засадени околу 3 500 висококвалитетни садници низ сите скопски општини. Битола, Велес, Карпош, Сарај, Бутел, Аеродром се само дел од локациите на кои се одвиваат акции за засадување на висококвалитетни садници“, стои во соопштението.

Од партијата додаваат дека паралелно со овие интезивни акции, се преземаат и мерки за замена на старите и нееколошки начини на затоплување со еколошки. „Во јавните установи, во училиштата и градинките се заменуваат старите котли на нафта и се поставуваат нови еколошки котли на пелети и инвертори со што се намалува загадувањето, но се намалуваат и трошоците за загревање“, се посочува во соопштението на СДСМ.

Оттаму исто така велат и дека во тек се активности за реализација на капиталната инвестиција за изградба на гасоводна мрежа, што е една од клучните мерки во борбата против загадувањето.

За таа цел, во Буџетот за 2019 година предвидени се средства во износ од една милијарда и 577 милиони денари, што е за дури 1,1 милијарда денари повеќе од средствата за 2018 година. Истовремено, за првпат е формирано и градско јавно претпријатие за гасификација и проектирање на гасоводен систем.

Се набавуваат и нови еколошки автобуси, се воведуваат еколошки мерки за сообраќајот, се обезбедуваат субвенции за еколошки енергенси за греење, за еколошки автомобили, засилени се инспекциите и серија други мерки кои активно и континуирано се спроведуваат“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ посочуваат дека сите институции секојдневно преземаат мерки што имаат за цел да го намалат загадувањето.

Треба да знаете
Последни објави