Search

СДСМ: Лицемерно е партијата што е одговорна за најголемиот скандал со прислушување да зборува за прислушување

ВМРО-ДПМНЕ со својата лажна загриженост и антидржавна политика ги потценува јавноста и граѓаните на Македонија, се наведува во соопштението на СДСМ, што е реакција на прес-конференцијата на Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој обвини дека Спасовски и Заев пет дена молчат за скандалот со прислушуваните обвинители.

„Крајно несериозно и лицемерно е партијата што е одговорна за најголемиот скандал со прислушување и со кој беа прекршени човековите права да зборува за прислушување, и тоа со информации кои и овој скандал го поврзуваат токму со нивното криминогено раководство“, се наведува во соопштението на владејачката партија.

Оттаму додаваат дека податоците соопштени од МВР говорат дека опремата за прислушување била поставена уште во 2013 година, време кога, како што велат, криминалната ВМРО-ДПМНЕ имала апсолутна власт и целосна контрола врз институциите.

„Наместо да се кријат зад празни прес-конференции, наместо да прераскажуваат лоши ‘вицеви’ на криминалецот Никола Груевски, Христијан Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да кажат која била нивната улога и што знаеле за масовното нелегално следење на комуникациите на граѓаните, вклучително и на прислушувањето на Јавното обвинителство“, наведуваат од СДСМ.

Од оваа партија подвлекуваат и дека антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да знае дека ќе има одговорност за сите кои се инволвирани и во овој случај.

Треба да знаете
Последни објави