Search

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ може само да следи и да учи што значи вистинска грижа за земјоделците

Можеби антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ заборавило, но земјоделците многу добро паметат како оваа партија се однесуваше кон нив и кон нивната мака, наведуваат од СДСМ како реакција на соопштението од опозициската партија која обвини дека со новата мерка Владата наместо да им помогне на земјоделците, им помага на откупувачите на ориз.

Од владејачката партија посочуваат дека времето на погазување на трудот на земјоделците и притисоците и заканите кон нив е завршено со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

„Со цел да им се излезе во пресрет на производителите на ориз, Владата предводена од СДСМ воведе нова интервентна мерка, дополнителна субвенција од 5 денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрирани откупувачи. Оваа субвенција оди директно кај оризопроизводителите, а не кај откупувачите како што лаже лицемерното ВМРО-ДПМНЕ. Со новата дополнителна субвенција ќе се поттикне договорениот откуп на оризова арпа од реколтата 2018 година, од што бенефит ќе имаат директно земјоделците“, појаснуваат од СДСМ.

Оттаму велат дека субвенцијата се однесува за количините кои се произведени и предадени во период од 1 октомври до 25 декември 2018. а коишто не надминуваат 5,5 тони по хектар.

„Покрај оваа дополнителна субвенција, владата предводена од СДСМ уште првата година од мандатот го поддржа домашното земјоделско производство со линеарно зголемување на субвенциите за 10 отсто, а кај оризот зголемувањето беше и до 300 отсто“, се наведува во партиското соопштение во кое се порачува дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ може само да следи и да учи што значи вистинска грижа за земјоделците.

Треба да знаете
Последни објави