Search

САД ја обвинуват Кинa дека се обидува да ги хакира истражувањата за вакцина против Ковид-19

 Американските агенции за компјутерска безбедност предупредуваат дека хакери од Кина се обидуваат да украдат податоци поврзани со испитувања на вакцини против Ковид-19.

Федералното истражно биро (ФБИ) и ИТ експертите  веруваат дека кинеските хакери се обидуваат да украдат истражување за развој на вакцина против новиот коронавирус, објавија „Вол Стрит Журнал” и „Њујорк Тајмс”.

ФБИ и Министерството за внатрешна безбедност имаат намера да издадат предупредување за кинеските обиди за хакерство во време кога владите ширум светот и приватните компании се натпреваруваат да развијат вакцина против Ковид-19.

Претставници на САД тврдат дека хакерите се поврзани со кинеската Влада, додека портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лијанг ги отфрли ваквите обвинувања, наведувајќи дека Кина е против хакерски напади.

-Ние сме светски лидер во развој на вакцини и третман на Ковид-19. Неморално е да се нападне Кина со гласини и клевети и без никакви докази, истакна Лијанг.

Претседателот на САД, Доналд Трамп не ги потврди овие извештаи, но изјави: „Што има ново со Кина? Што е тука ново? Кажете ми. Не сум среќен со Кина. Многу внимателно го следиме тоа”.

Предупредувањето на САД што ќе следи ќе биде уште едно во низата предупредувања и извештаи кои ги обвинуваат хакерите што ги поддржуваат владите во Иран, Северна Кореја, Русија и Кина за активности поврзани со пандемијата на Ковид-19 во светот, од објавување лажни вести до напад врз индивидуални научници.

Според „Њујорк Тајмс”, ова би можело да биде вовед во контранапад на американските агенции што се вклучени во сајбер-војна.

Треба да знаете
Последни објави