Search

САД нареди итно повлекување на дел од персоналот во Ирак

Вашингтон нареди повлекување на својот персонал што не е неоходен од Ирак, соопшти Амбасадата на САД во Багдад во средата, пренесува „РТ“.

Овој чекор следи по предупредувањето од неделата, кога амбасадата предупреди за зголемени тензии во Ирак и ги повика американските граѓани да останат внимателни.

Дел од американските државни службеници треба под итно да ја напуштат амбасадата во Багдад како и американскиот конзулат во Ербил, главниот град на ирачки Курдистан. Нормалните визни услуги ќе бидат привремено прекинати.

На американските државјани им е советувано да ги избегнуваат локациите на американската влада во Ирак и да ја напуштат земјата што е можно поскоро.

Во исто време, Германија денеска го суспендира своето учество во ирачката воена програма за обука поради зголемените тензии во регионот, објави ДПА, цитирајќи воени извори. Портпаролот на германското Министерство за одбрана ги потврди овие информации, велејќи дека Германија има индиции за можни напади, наводно поддржани од Иран.

„Но тоа не значи дека програмите за обука не би можеле да продолжат во наредните денови“, додаде портпаролот.

Во моментов има 160 германски воени лица во Ирак.

Изјавата доаѓа еден ден откако Централната команда на САД објави дека американските сили во Ирак и Сирија се ставени на највисока подготвеност по веродостојните закани од иранските сили во регионот. Пред една недела и американскиот државен секретар Мајк Помпео предупреди за многу специфични закани кои доаѓаат од иранската активност во Ирак.

„Овие закани претставуваат значителен ризик за дипломатските мисии и за службениците на САД стационирани во земјата,“ изјави тој за „Скај њуз“ по посетата на Багдад.

Вашингтон претходно го распореди УСС Абрахам Линколн во Персискиот Залив. Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон, рече дека треба да му се пренесе порака на Иран дека САД се подготвени за какви било напади врз нејзините интереси.

Во меѓувреме, Багдад продолжува да се соочува со терористички напади. Во четвртокот, бомба експлодираше на пазар, при што загинаа осум лица. Одговорноста за експлозијата за презеде терористичката Исламска држава.

Минатата есен, САД го затворија својот конзулат во ирачкиот град Басра, наведувајќи ги како причина заканите од Иран. Вашингтон, исто така, го обвини Иран дека го напаѓа американскиот конзулат и амбасадата во ирачкиот главен град Багдад.

Треба да знаете
Последни објави