Search

САД го ставија на црната листа кинескиот гигант „Хуавеј“

Американското Министерство за трговија објави дека ги ставила на црната листа кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ и 70 поврзани компании поради наводна закана за националната безбедност, пренесува ТАСС.

Од министерството соопштија дека имаат причина да заклучат дека „Хуавеј“ е ангажиран во активности кои се спротивни на американската национална безбедност и надворешната политика. Тие ја обвинија компанијатаи за обезбедување забранети финансиски услуги за Иран заобиколувајќи ги санкциите во САД и за обид да ја попречи правдата за време на истрагата за овие прекршувања.

„Овој потег ќе ја спречи злоупотребата на американската технологија од страна на ентитети во странска сопственост на начин што потенцијално ќе ги поткопа интересите на американската национална безбедност или надворешната политика”, рече секретарот за трговија Вилбур Рос.

Во средата, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која прогласи вонредна состојба за заштита на американската информациска и телекомуникациска технологија од надворешни закани.

Наредбата ќе му даде овластување на американскиот секретар за трговија по консултациите со шефовите на други федерални агенции да ги блокира трансакциите кои се сметаат за закана за националната безбедност.

Во август 2018 година, Трамп потпиша наредба со која им забрани на владините агенции на САД да ја користат опремата произведена од „Хуавеј“ и од кинеската компанија ЗТЕ.

Од „Хуавеј“ изјавија дека неразумни ограничувања од САД ќе ги прекршат нивните права.

„Ограничувањето на „Хуавеј“ во бизнисот во САД нема да ги направи САД побезбедни или посилни, туку ќе послужат само за ограничување на САД на инфериорни, но поскапи алтернативи”, се вели во соопштението на телекомуникацискиот гигант.

Треба да знаете
Последни објави