Search

Русковска со до сега невидена снимка докажа дека Боки 13 вратил друга чанта кај Камчев

Oбвинителката Вилма Русковска денеска во завршните зборови за случајот „Рекет“ пушти снимка од камерите во домот на Орце Камчев од 21 февруари 2019 година, еден ден по датумот кога беа објавени снимки на кои се гледаат Бојан Јовановски и Зоран Милески-Кичеец како излегуваат со чанта „луј витон“.

Оваа снимка од 21 февруари 2019 година првпат беше пуштена пред јавноста денеска и на неа се гледаат Боки и Кичеец како еден по друг влегуваат во домот на Камчев. Милески со себе носи значително помала рачна чанта со темна боја.

Оваа снимка Русковска ја пуштила, како што рече, бидејќи Јовановски тврдел пред судот дека наредниот ден чантата „луј витон“ била вратена кај Камчев.Од снимката се гледа каква чанта донеле наредниот ден”, рече Русковска.

На сето ова во судница бурно реагираа и Боки и одбраната.

„Пуштете ги и снимките од 22 февруари, да се види“, викаше Јовановски.
Адвокатите, пак, реагираа дека ова е грубо кршење на постапката бидејќи Законот за кривична постапка е дециден дека во завршни зборови се зборува за тоа што е изведено во доказната постапка, а оваа снимка првпат се пушта во судница.

Судијката се согласи со одбраната, а Русковска рече дека тоа не е доказ, само сакала да го побие тврдењето на Јовановски дека чантата „луј витон“ била вратена.

За оваа чанта, Русковска во завршните зборови потенцираше дека завршила во домот на родителите на Боки во населбата Тафталиџе.

По речиси шест месеци судење, случајот „Рекет“ влегува во финиш. Денеска во Основниот кривичен суд во Скопје започна давањето заврши зборови, а прва тоа го направи обвинителката Вилма Русковска, по што ќе следуваат и адвокатите и обвинетите.

По ова ќе остане само изрекувањето на пресудата од првостепениот суд. Судскиот процес го води Васка Николовска-Масевска, како прв судија, и Софче Гаврилова-Ефремова, како втор судија, како и тројца поротници кои се дел од судечкиот совет.

Треба да знаете
Последни објави