Search

Руската амбасада во Лондон бара отворена истрага за труењата

Руската амбасада во Лондон упати дипломатска нота до Министерството за надворешни работи на Велика Британија, во која бара да се спроведе отворена истрага во врска со минатогодишните инциденти во Солсбери и Ејмсбери, каде што четири лица, меѓу кои и поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал, беа затруени со нервен агенс „новичок”, соопшти портпарол на Амбасадата.

– Во документот се насочува вниманието на британската страна на интервјуто во „Гардијан” од 16 февруари со родителите на британската државјанка Даун Старџес, која почина во јули минатата година откако беше изложена на нервен агенс. Во интервјуто, тие ја обвинуваат актуелната Влада за спроведување на нетранспарентна истрага за случајот, изјави портпаролот, додавајќи дека дипломатската нота била испратена во понеделникот.

Тој истакна дека во нотата се нагласува оти истрагата за инцидентот во Солсбери, во кој беа затруени поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, била спроведена под „нетранспарентно сценарио”, односно, како што рече, британската страна засега не дала никаковофицијален извештај за истражните мерки преземени за случајот.

– Руската страна, како и родителите на Старџес, го повикуваат официјален Лондон да прекине да ги крие фактите и да го направи јавен текот на истрагата, порача портпаролот на Амбасадата.

Тој додаде дека Руската амбасада ќе продолжи да бара од британската Влада да даде целосни официјални информации за инцидентите во Солсбери и Ејмсбери и да обезбеди и конзуларен пристап до руските граѓани, особено затоа што, како што наведе, медиумите известуваат дека здравјето на Сергеј Скрипал е влошено.

– За жал, британските официјални претставници не ја информираат Амбасадата за здравствената состојба на семејството Скрипал, кои во моментов се во изолација. Ние немаме поим што се случува со нив. Многу барања кои ги пративме до Форин офисот, останаа неодговорени, додаде портпаролот.

Британскиот „Сандеј тајмс”, повикувајќи се на „добро информиран извор”, во неделата објави дека здравствената состојба на Скрипал се влошила и оти тој добива терапија дома.

Во меѓувреме, внуката на Скрипал, Викторија соопшти дека мајката на агентот, кој се загуби од јавноста по инцидентот во Солсбери, побарала од руската полиција да ги прогласи Сергеј и Јулија Скрипал за исчезнати лица.

Минатиот март Сергеј и Јулија Скрилал беа пронајдени онесвестени во парк во Солсбери, по што беше утврдено дека се затруени со нервен агенс „новичок”, за што Велика Британија ја обвини Русија.

Родителите на Даун Старџес, која почина во јули минатата година откако беа затруени од нервен агент, изјавија за „Гардијан” дека веруваат оти британската Влада крие некои факти за инцидентот.

Треба да знаете
Последни објави