Search

Русија ја спасува економијата на Венецуела за стратешкo влијание во регионот

Русија прави напори да го запре економскиот колапс на Венецуела, а за возврат добива контролни делови од нафтено-енергетскиот сектор на земјата и индиректен влез во нафтениот пазар на САД, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Како што објави „Вашингтон пост”, Москва се обидува да влезе на мала врата во за САД стратешки клучниот регион на Јужна Америка, преку контрола на нафтената индустрија на Венецуела, земја која ги поседува најголемите потврдени резерви на сурова нафта во светот.

Економскиот колапс во Венецуела беше една од главните причини за високите цени на нафтата во 2018 година.

Русија планира да инвестира повеќе од шест милијарди долари во нафтено-енергетскиот сектор на Венецуела, што вклучува и инвестиции во производството на нафта. Москва, исто така, планира и помош во храна составена од 600 илјади тони жито.

Руски економисти веќе составија акциски план за спас на економијата на Венецуела, која неколку години е во колапс и каде хиперинфлацијата годишно бележи скок од милион отсто, а Централната банка постојано издава нови банкноти со повеќе нули. Поради колапсот на финансискиот систем на земјата, милиони граѓани побегнаа во соседните земји.

Според Би-Би-Си, соседите на Венецуела во 2018 година примиле три милион венецуалски бегалци, додека оваа година земјата се очкува да ја напуштат уште пет милион лица.

Делегација од руски владини лица преводена од заменик-министерот за финансии Сергеј Сторчак, лани во ноември го посети Каракас за да ги претстави плановите на влада на Русија за оживување на венецуелската економија.

Некои од мерките вклучуваат воведување на минимален доход за венецуелските домаќинства и запирање на печатењето банкноти, бидејќи дефицитот на државниот буџет ќе се запира со емисии од свеж руски кеш. Останатите мерки вклучуваат спроведување на даночни реформи, зголемување на производстото на „црното злато” и максимална диверзификација на извозот.

Набљудувачите на  состојбите укажуваат дека обидите да се спаси економијата на Венецуела наликуваат на фрлање пари во оган – во земјата каде царува разгранета корупција под водство на кланови блиски до претседателот Николас Мадуро, каде судството е под директна контрола на власта и каде не се почитуваат човековите права.

Поради ова САД во изминатите години воведоа санкции против раководството на земјата.

Хиперинфланцијата беше предизвикана од лошата економска политика на власта, падот на цената на нафтата и санкциите од САД. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја спореди ситуацијата во Венецуела со онаа во Германија во 1923 година и со Зимбабве на почетокот на овој век. Според ММФ, инфлацијата во Венецуела во 2018 година надминала еден милион и триста илјади отсто.

Рускиот план за спас на економијата на оваа земја е стартешки. Москва сигурно ќе претрпи големи загуби, но за возврат добива контрола над нафтените резерви на земјата и влијание во САД – нафтениот гигант „Росњефт” веќе стана мнозински косопственик на „Цитго”, компанија под контрола на државната „Петролеос де Венесуела”, која држи добар дел од пазарот со бензин и нафтени деривати на Америка.

Треба да знаете
Последни објави