Search

(Репортажа на МИА од Авганистан): Педестина припадници на АРМ во придонес кон мирот

На повеќе од пет илјади километри оддалеченост од дома, 49 припадици на македонските воени сили рамо до рамо со војниците од земјите-членки на НАТО, но и со останатите партнерски земји се грижат за советување, тренирање и асистирање на авганистанските безбедносни сили во рамки на мисијата на НАТО „Одлучна поддршка”. Македонија во НАТО Мисијата се приклучи од самиот нејзин почеток, на 1 јануари 2015 година, а претходно учествуваше и во мисијата ИСАФ.

Оценките за македонските војници се мошне високи. Мала земја во споредба со повеќето НАТО-членки но придонесот што го даваат е голем, се оценките кои ги даваа високите претставници на Алијансата во Кабул за време на посетата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на македонскиот контингент во Авганистан.

Македонските војници со голема радост ја пречекаа македонската делегација, нивни сонародници дошле да видат каде работат, во какви услови живеат и со какви предизвици се соочуваат секојдневно.

-Толку далеку од дома чувството да те посети некој од твојата земја е големо и секако претставува вреднување на тоа што ние тука го работиме, велат припадниците на македонскиот контингент во разговор за МИА.

Македонските мировници служат на три локации

За задачите на македонските мировници, за нивните достигнувања, соработката со другите нации, но и за чувството да се биде далеку од дома шест месеци, колку што трае една ротација, разговаравме со командатот на македонскиот контингент полковникот Кенан Рахиќ.

Македонскиот контингент, како што појасни за МИА неговиот командат и најстар национален старешина полковник Рахиќ е стациониран на три локации – во Централната команда на мисијата во Кабул, во Командата за обука, советување и асистирање – Главен град (КОСА – ГГ), која се наоѓа на аеродромот Хамид Карза, а македонски војници се распоредени и во КОСА – Север, во Мазар-и-Шариф.

Во Централната командата во Кабул има 27 припадници на АРМ, од кои три се поставени на штабни должности, а 24 се ангажирани во Единицата за заштита на силите, меѓу нив една припадничка на воените сили. Носечка нација тука се САД, под команда на првиот воен човек на мисијата американскиот генерал Остин Скот Милер.

Во КОСА – ГГ има 12 офицери и еден подофицер од кои четири се припаднички на АРМ. Тие се распоредени во рамки на турскиот контингент, со кој командува бригадниот генерал Јашар Дилбер.

Во КОСА – Север има шестмина припадници на АРМ, исто така штабни офицери. РМ во поддршка на парламентарните избори во Авганистан, кои се одражаа минатиот месец дополнително упати уште три офицери од август до декември, кои помагаа за успешно реализирање на изборниот процес. Носечка нација тука е Германија под команда на бригадниот генерал Герхард Ернст Петер Клафус.

-Имаме различни категории на персонал, од полковник па до професионални војници, поради што и нивните задолженија се различни. Конкретно јас покрај одговорен старешина за македонскиот контингент ја извршувам и должноста заменик на командант на КОСА – ГГ. Самиот назив на името на командите покажува дека нашиот персонал се занимава со тренинг, советување и асистенција на авганистанските сили, како и штабен персонал во командите, додека професионалнире војници се ангажирани за заштита на Централната команда, како и за ескортирање и обезбедување на лицата кои влегуваат во Командата по разни основи, појаснува Рахиќ.

За тоа дали македонските припадници во последната ротација се соочиле со некоја ризична ситуација тој вели дека реонот на Авганистан е под постојани закани од напади, како внатрешни, така и надворешни.

-Конкретно загрозување на бебедноста на припадниците на Македонија, односно на АРМ немало, меѓутоа не е исклучена можноста имајќи предвид каде се наоѓаме во секој момент нешто од аспект на безбедност да биде нарушено, рече тој

На мошне висок ниво ја оценува соработката со турскиот контингент под чија команда е КОСА-ГГ, а Македонија насоро ја гледа како земја членка на  НАТО.

–Вкупно 41 земја учествуваат во „Одлучна поддршка”, во базата се присуни сите нации, а нашата придобивка како армија и држава е да покажеме дека нашите припадници можат рамо до рамо да работат со припадниците на членките на НАТО и да покажеме дека сме подготвени за влез во Алијансата, нагласува полковник Рахиќ во разговор за МИА.

Вели дека е тешко далеку од дома, но оти и морално и психолошки биле подготвени дека шест месеци ќе бидат одвоени од семејството, од најблиските, со кои секојдневно комуницираат преку социјалните медиуми.

Женските припаднички во одбрана на честа на земјата

Во македонскиот котингент има пет жени, кои храбро рамо до рамо со машките војници ја чуваат честа на Македонија и докажуваат дека сме земја со квалитетен кадар, која иако е на самиот праг на НАТО, може да се носи со останатите земји-членки во учеството на мировните мисии. Четири од нив се стационирани во КОСА-ГГ, каде има три офицери и еден подофицер, една е во Централната команда во Кабул.

Жените во мисијата се помалубројни меѓу сите нации застапени во неа, но сепак нашите учеснички во „Одлучна поддршка” се надеваат дека таа бројка во иднина ќе се зголемува. За нивните задачи и придонеси за мисијата говоревме со потполковник Билјана Блажеска, која служи во КОСА-ГГ.

-Две жени во КОСА-ГГ извршуваме началнички функции. Навистина е предизвик и уште повеќе како жени да бидеме дел од мисијата „Одлучна поддршка”. Предизвик е да се работи  во мултинационална средина, вели таа.

Работните обврски во КОСА –ГГ им почнуваат во 8:30, а траат се до 18:30 часот, со два часа пауза за ручек.

Појаснува дека природата на мисијата е советување на авганистанските безбедносни сили и само долку има потреба и можност се излегува надвор од базата.

-Самата база дава можности да се чувствуваш како дома. Има можности за спортски активности, за релаксирање, доколку сакаме да се разубавиме имаме можности каде тоа да го направиме. Има можности и за дружење на кафе и чај во кафулињата во базата, истакна Блажеска и додаде дека е тешко да се биде далеку од семејството, но оти со поддршката што ја има од дома може фокусирано да се посвети на работните задачи во мисијата.

Во оваа база е и првата македонска пилотка Ива Матиќ, 30-годишна скопјанка, магистер по електротехника. Таа е капетан во АРМ и нејзинот просечен работен ден значи управување со воен хеликоптер МИ-17. Сепак во Кабул, таа не пилотира, туку е посветена на штапско офицерски активности. Во разговор за МИА вели дека е голем предизвик доаѓањето во мисијата „Одлучна поддршка”, а служи токму во базата на аеродромот, каде се наоѓа воено-воздухопловната база на „Одлучна поддршка”.

Единствената и прва жена во Единицата за заштита на силите во Централната команда, таму е пет месеци. Разводник Клементина Димитровска смета дека треба да продолжи традицијата таму да доаѓаат повеќе припаднички.

Во Централната команда има тројца штабни офицери и 24 припадници на Единицата за заштита на силите. Тие имаат поинакви задачи од македонските мировници во базата на аеродромот. Припадниците на ЕЗС, како што појаснува Димитровска за МИА,  во рамки на активностите Легат излегуваат надвор од базата и нивна задача е да обезбедуваат старешини, кои исплаќаат средства за нанесени штети од страна на НАТО врз градот или одредени цивили.

Вршат и обезбедување на НАТО силите надвор и во базата. Тие се т.н. first protection , со што нивната работа сама по себе е ризична. Работат кога има напад на базата, излегуваат надвор кога сите се внатре и ги внесуваат луѓето во објектите за да нема движење.

Работат и ескорт на луѓето кои влегуваат од надвор, авганистански граѓани, кои таму се сметаат за најризична група со која може да се работи.

Во разговор за Клементина Димитровска разбравме дека таму во Централната команда има потреба од повеќе жени војници. Претходно македонските сили барале помош за ескорт од Грузијците.

– Жена во машки објект не влегува, маж во женски објект не влегува тому тоа го работам кога има потреба да се влезе во женски објект да се изврши некоја работа на пример да се сменат прозори, тоа го работат мажи и мора да влезат со жена како ескорт, додава таа.

Комуникацијата со припадниците на другите контингенти е одлична, нејзината цимерка е Авганистанка, живее во САД, а таму работи како преведувач. Во базата има припадници од вкупно 52 нации.

Продолжува…македонските мировници сведоци на парламентарните избори, строгите правила на животот во базата, впечатоци за авганистанското локално население…

Ана Цветковска

Треба да знаете
Последни објави