Search

Регистрирани производители на вино од Кавадарци кои произведуваат во домашни услови

Регистрирани се неколку производители на вино од Кавадарци кои произведуваат во домашни услови. Вкупно 11 решенија денеска врачи министерот за земјоделство, Трајан Димковски.

Тој потсети дека на барање на малите традиционални семејни винарии направени се измени на закони и подзаконски акти, меѓу кои и измена на Правилникот за висината на надоместокот за извршени работи на Државниот инспекторат за земјоделство, со што се олеснети условите за упис во регистарот на производители на вино, на физички лица и мали винарски визби.

Малите винарници со капацитет на преработка и чување на вино до 30.000 литри годишно, наместо да плаќаат 10.000 денари надоместок за регистрација, сега плаќаат само 1.500 денари.

Министерот нагласи дека токму ова било мотивацијата за регистрирање на производителите на вино кои сега можат да го пуштат во промет своето вино.

До овој момент, регистрирани се 10 физички лица и едно правно лице, а како што рече Димковски, оваа бројка наскоро ќе биде уште поголема.

– За производство на добро вино, претходно треба да се произведе добро грозје. Тиквешкиот вински под регион се наоѓа на иста географска должина како и Тоскана во Италија и Бордо во Франција. Следствено на тоа, јасно е зошто најубавите вина потекнуваат токму од овие региони, рече Димковски.

Новорегистрираните производители се членови на здружението „Тиквешки семејни винарии”, кое има триесетина членови, со вкупен капацитет од над 100 тони вино годишно.

Претседателот  на Здружението, Горан Јаковлевски изрази задоволство што ја имаат честа први да се регистрираат по направените законски измени.

– Тоа беше многу важно и ни овозможи да се регистрираме. Позитивно влијаеше и намалувањето на трошоците за регистрација. Се надевам дека во иднина ќе имаме уште поплодна соработка и финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, како грант во износ од 10 илјади евра, неопходни средства за да можеме како мали семејни винарии и во иднина да се развиваме на едно повисоко ниво, нагласи Јаковлевски.

Треба да знаете
Последни објави