Search

„Прљаво казалиште“ за 24 Инфо: Имаме среќа нашите песни да се со задоволство прифатени во Македонија

Песните на групата „Прљаво казалиште“ се одлично прифатени од македонската публика, па затоа бендот од Загреб често гостува во Скопје, изјави пејачот Младен Бодалец во ексклузивно интервју за 24 Инфо пред нивниот настап на концертот на 14 годишнината од Општина Аердором. Концертот на „Прљаво Казалиште“ треба да започне во 21.30 часот во паркот кај авиончето во Аеродром.

Бендот настапува без својот басист, Дубравко Ворих, кој почина минатиот месец, а него го замени Марко Карачиќ. Како се снаоѓате?

Полека си доаѓаме на себе, животот мора да оди понатаму. Сегашниот басист дојде по препорака на Дубравко, добро го замени. Малку е помлад од остатокот на бендот, но ете, свириме понатаму, вели Бодлец.

„Прљаво казалиште“ е чест гостин во Скопје, претходно свиревте за пречекот на Новата 2019 Година, а и во изминативе неколку години настапувавте повеќе пати. Какво е Скопје сега и порано?

Па ние ја имавме таа среќа нашите песни да се со задоволство прифатени, и новите и старите одлично поминуваат што е основна причина за поврзаноста со публиката овде па често не викаат да гостуваме што многу не радува. Нормално, како оди животот се се менува, сега е 21 век. Во Скопје е секогаш одлично. Помнам дека кога бев прв пат во градов бев сместен во хотелот „Гранд“, сега не знам дали уште постои, аеродромот се викаше „Петровец“…Сега е се поинаку, оди се на подобро, таков е животот.

Бендот во ноември слави 30 години од најпосетениот концерт во историјата на хрватската музика, кога во 1989 година на плоштадот во Загреб настапивте пред 200.000 луѓе. Дали ќе го одбелеѓите овој настап на идентичен начин?

Да, ќе правиме концерт но во загрепска Арена, малку ќе се присетиме на тогашниот репертоар, некои песни кои не сме ги свиреле 30 години. Тоа ќе биде можност за едено посебно доживување на кое ќе настапат нашите гости-поранешни членови на бендот. Лани имавме концерт на стадионот на Крањчевиќева, на кој имаше околу 30.000 посетители, така да и овде ќе биде супер.

Подготвувате некоја поголема турнеја?

Па ние постојано свириме, лани бевме на турнеја во Австралија, Канада, Америка, идниот викенд сме во Гереборг, Шведска, така што секогаш имаме концерти. Таков е рок-ен ролот, секогаш има нешто ново, се снимаат нови песни па се промовираат. Тоа е така со години и ние го сакаме таквиот живот и само се надеваме дека долго ќе потрае.

Дали „Прљаво казалиште“ ќе изненади со нов материјал?

Па не верувам дека оваа година, се надеваме дека 2020 година ќе биде наша година. Секогаш има песни, имаме нумери од пред пет-шест години кои стално ги претумбуваме и добиват ново руво, но верувам дека наредната година конечно ќе ги обавиме на нов албум.

Игор Шегавиќ

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави