Search

Преку Рамката за партнерство на СБ подобра поврзаност и помали трошоци за фирмите

Подобри услови за фирмите и помали трошоци за стопанисување ќе обезбедат дел од проектите од Рамката за партнерство во износ од 420 милиони долари, од Светска банка. Преку нив, ќе се намалат увозните и извозните трошоци на фирмите, а исто така ќе се обезбеди поврзување на домашните фирми со странските инвестиции.

Светска банка оценува дека трошоците за трговија за фирмите во регионот ќе се намалат за околу 10% со Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Проектот е дел од Рамката за партнерство со Светска банка и денес е одобрен од Бордот на директори на Банката.

Вкупната вредност на проектот е 140 милиони долари, од кои за првата фаза се предвидени 90 милиони долари. Од нив 30 милиони долари се за Република Северна Македонија, додека за Србија 40 милиони и за Албанија 20 милиони долари.

Министерот за финансии Драган Тевдовски оцени дека преку реализација на проектот ќе се подобри поврзаноста во регионот што ќе придонесе за унапредување на соработката помеѓу земјите и подобрување на деловната клима.

-Со подобрување на инфраструктурата, воведување на one stop shop, унапредување на соработката помеѓу институциите од земјите во регионот, значително ќе се подобри бизнис климата во регионот. Со добра инфраструктура и воведување на нoви технологии ќе ја интензивира трговската соработка и економскиот раст во регионот – вели Тевдовски.

Проектот, инаку, се состои од четири компоненти. Првата компонента се однесува на олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан преку едношалтерско решение и  модернизација на царината. Втората на подобрување на транспортната ефикасност преку развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридор 10. Третата компонента се однесува на подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и четвртата за имплементација на проектот.

Како дел од Рамката за партнерство со земјата, е и проектот со Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), кој министерот за финансии Тевдовски го договори во рамки на Пролетните средби, а се однесува на поврзување на домашните компании со странските инвеститори.

-Овој проект, кој ќе донесе многукратни придобивки за домашните компании. Преку поврзување со странските компании, домашните фирми добиваат работа, можност за пласман на нови пазари, како и пренесување know-how – рече Тевдовски.

 

Треба да знаете
Последни објави