Search

По смртта на пет тинејџерки, Полска ќе ги затвори несигурните „ескејп румс“

Полска ќе ги затвори интерактивните простории за забава, познати како „ескејп румс“, кои не се во согласност со безбедносните стандарди, најави полскиот премиер Матеуш Моравјецки, откако пет тинејџерки загинаа во пожар во една од ваквите атракции.

Тие во моментот на избивањето на пожарот во петокот славеле роденден во „ескејп рум“ во северниот град Кошалин. Денеска, сопственикот на просторот е уапсен, објавија полските медиуми.

Властите во текот на викендот спровеле надзор во најмалку 178 „ескејп румс“ низ Полска и констатирале дека 129 од нив не ги исполнуваат здравствените и безбедносни стандарди, откри шефот на државната противпожарна служба, Лешек Суски. Од нив, тринаесет локации ќе бидат затворени.

Во популарните „ескејп румс“ односно простории за бегство, корисниците се заклучени во соба и мора да решат некакви загатки и задачи за да го пронајдат излезот. Најпрво ваквите клубови станаа популарни во Азија, а потоа се проширија и во Северна Америка и западна Европа.

Треба да знаете
Последни објави