Search

По деветте кандидати за претседател на РМ на огласот на ВМРО-ДПМНЕ, познат и првиот на СДСМ

Поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов е првиот кандидат за претседател на државата што објави дека ќе се пријави на партискиот оглас на СДСМ, што е отворен до 19 февруари. Се очекува до тој датум до партијата да пристигнат уште кандидатури со оглед на тоа што во јавноста веќе се вртат имињата на неколку можни кандидати, меѓу кои и на вицепремиерите и министри за одбрана и за внатрешни работи Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски.

Одлуката со кој кандидат ќе влезат во претседателската трка, како што најавија од СДСМ, ќе биде донесена на 3 март на Конгрес.

Кандидатот за претседател на Република Македонија на оглас ќе го бира и ВМРО-ДПМНЕ. На огласот на партијата пристигнале 10 кандидатури од кои една по истекот на рокот, по што партијата ги објави деветте имиња на кандидатите од кои на конвенција на 16 февруари ќе изберат еден кој ќе влезе во трката за шеф на државата. Меѓу нив, се и универзитетската професорка Гордана Силјановска, Пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски.

Иако ДУИ излезе со став дека на избори ќе одат со свој кандидат, премиеропт Зоран Заев неодамна повторно остави простор за можен договор за таканаречен консензуален претседател. Простор за соработка остави и ДУИ, од каде посочија дека иако имаат официјален став оти на изборите може да настапат со свој кандидат, сепак, оставаат можност пред истекот на рокот за поднесување на кандидатурите да постигнат и друго решение.

Дел од помалите партии најавија дека во трката за претседател на Република Македонија ќе влезат со свои кандидати.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери на 8 јануари ги распиша претседателските избори, за кои првиот круг треба да се одржи на 21 април, а вториот круг на 5 мај. Согласно Изборниот законик, не треба да поминат повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивно одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.

Во врска со евентуалното одржување на предвремени парламентарни избори заедно со претседателските што ги бара опозицијата, владејачката СДСМ се уште нема донесено одлука, иако најавија, таа треба да се очекува многу скоро.

Се уште се прават анализи на аргументите за и против, велат од СДСМ и додаваат дека разгледувањето на аргументите трае долго затоа што државните интереси за СДСМ се секогаш пред партиските. Теснопартиски гледано на СДСМ му одговара да оди на предвремени парламентарни избори, посочуваат од партијата, но се анализира дали тоа ќе значи забрзување на процесот на развој на државата или закочување.

Треба да знаете
Последни објави