Search

Почнува фестивалот на електронска музика „Грин бич”

Со настап на Пол Калкбренер, кој важи за лидер на современата светска електронска сцена, вечер кај хотел „Еуротел” во Струга ќе биде отворен 10-тиот фестивал на електронската музика „Грин бич” (Green beach).

„Пасворд продукција” соопшти дека фестивалот ќе ги отвори вратите во 21 часот и дека забавата ќе трае до утринските часови. Од 22 часот ќе настапи диџеј Балоски, а  настапот на Калкбренер ќе почне од 1.45 по полноќ.

– Врвниот уметник кој важи за институција на светската техно-сцена, гостува премиерно во Македонија и тоа во рамки на неговата актуелна светска турнеја „Parts Of Life” која веќе брои повеќе од 60 настапи низ светот и речиси сите се целосно распродадени. Како еден од најголемите светски електронски продуценти, Калкбренер е познат по хедлајнерските настапи на најголемите фестивали и стадионски спектакли пред стотици илјади луѓе, кои пред него беа резервирани само за најголемите светски бендови како што се „Ролинг стоунс” и „Ју-Ту”. Уште поголема екслкузивност на овој настан е и фактот дека станува збор за диџеј-продуцент кој настапува исклучиво во живо, правејќи ги неговите сетови секогаш непредвидливи и високо ценето доживување на современата електронска сцена, соопшти организаторот.

Утревечер, 2 август, на фестивалот ќе гостува техно-хаус тандемот „Адриатик” (Adriatique) кои за  овој повод со ексклузивен продолжен сет од четири часа ќе го затворат фестивалот. Настапот на „Адриатик” ќе почне на полноќ, а претходно од 22 часот утревечер ќе настапат македонските диџеи Давид Крстевски и Александар Младеновиќ.

-За  јубилејниот  фестивал илјадниците посетители ги очекува најгламурозно издание досега – со врвна продукција и ексклузивно подготвени сценски визуелизации, соопшти „Пасворд продукција”.

Продукцијата ги советува посетителите порано да пристигнат на настанот и наместо свои возила да користат  организиран автобуски превоз кој ќе го има на секои 30 минути од 22 до 5 часот на релација Охрид – Струга – Охрид. Ќе поаѓаат и ќе се враќаат на постојката кај „Тим маркет” (спроти градскиот пазар) во Охрид. 

Треба да знаете
Последни објави