Search

Почнува претседателската трка

Граѓаните на 21 април ќе го избираат шестиот претседател на Република Македонија. На истиот датум ќе се одржат предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново Село и Дебар.

Решенијата за распишување на изборите вчера ги потпиша претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, согласно законската обврска која ја има. Решенијата за распишување на изборите ќе бидат доставени до Државната изборна комисија, како орган за спроведување на изборите.  Џафери смета дека секои нови избори се можност за надградба на добиената позитивна оценка од претходните. 

– Патот за НАТО и ЕУ е трасиран. Триесеттото сточле во НАТО е веќе наше. Сега останува одговорна и посветена работа на исполнување на неопходните критериуми за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ. Во период кој доаѓа Република Македонија ќе го полага тестот на капацитетот и зрелоста. Фер и демократски избори се еден од условите по кои ќе нè вреднуваат и оценуваат. Затоа ги повикувам сите учесници во претстојната претседателска изборна кампања, политичките партии и вас, граѓаните, да направиме максимални заложби Република Македонија да добие уште едни избори какви што и доликуваат на европска демократска држава заради остварување на стратешките евроатлантски аспирации на државата и заради доброто на граѓаните, изјави Џафери.

Апелираше до сите учесници во изборниот процес да се однесуваат онака како што налагаат Уставот и законските норми, а надлежните институции да направат сè денот на изборите да помине во мирна, демократска и свечена атмосфера. Уверен е, рече, дека сите вклучени во изборниот процес ќе го дадат својот придонес изборите да поминат во мирна и демократска атмосфера.

Политичките партии досега немаат објавено кандидати за претстојните претседателски избори. Двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ своите кандидати решија да ги избираат преку јавен оглас. Од СДСМ се уште немаат соопштено дали се пристигнати кандидатури. Генералниот секретар Александар Кирацовски вчера информира дека на партиски конгрес на 3 март ќе биде официјалниот избор на кандидатот. На огласот, пак, на ВМРО-ДПМНЕ пристигнале 10 кандидатури од кои една по истекот на рокот, по што партијата ги објави имињата на кандидатите од кои на конвенција на 16 февруари ќе изберат еден кој ќе влезе во трката за шеф на државата.

Од ДУИ велат дека имаат официјален став – на изборите може да настапат со свој кандидат, сепак, оставаат можност пред истекот на рокот за поднесување на кандидатурите да постигнат и друго решение. И некои од помалите политички партии најавија дека на изборите ќе одат со свои кандидати.

Премиерот Зоран Заев вчера посочи дека нема да се кандидира затоа што, како што рече, има одговoрност да го сработи тоа што е ветено. Ја потенцира потребата од свесност на нашето општество изразена преку политичките партии и ги повика сите да се направи една заедничка, одговорна анализа и да се пронајде личност или личности зад кои би можеле да застанат политичарите, политичките партии и граѓаните.

– Ако најдеме такви личности тоа би бил вистински консензуален кандидат кој ќе ги имплементира политиките на ова модерно живеење, на 21. век со прогресот и просперитетот што Македонија го има и дополнително го очекува, тогаш вредно е да направиме напори да дадеме шанса да изнајдеме таква личност, рече Заев. Ги повика и ДУИ и БЕСА на Гаши и БЕСА на Касами, и другите помали партии да се приклучат на ова.

Вториот круг од изборите треба да се одржи на 5 мај. Согласно Изборниот законик, не треба да поминат повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивно одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.

Треба да знаете
Последни објави