Search

Почнува осминафиналето на СП: Аргентина против Австралија, Холандија со САД

Денеска почнува осминафиналето на СП, Меси и Аргентина имаат нова задача
Групната фаза од Светското првенство заврши вчера, а веќе денеска стартуваат осминафиналните натпревари. Во наредните четири дека ќе има по два дневно.

Првото осминафинале ќе почне од 16 часот, дуелот меѓу селекциите на Холандија и САД.

Холанѓаните го освоија првото место во групата А, но не импресионираа, не им се даваат некои сериозни шанси за долг пат на Светското првенство, но во денешниот дуел со Американците се благ фаворит.

САД со пет бода од втората позиција во Б групата се пласираше во осминафиналето. Американците се уште немаат пораз, имаат два гола дадено и само еден примен во групната фаза.

Поголемо внимание за пошироката јавност привлекува вечерашниот дуел кога Меси и Аргентина повторно ќе се појават на сцената, овојпат против селекцијата на Австралија. Аргентина е еден од главните фаворити за освојување на Светското првенство кое го почна со шокантен пораз од Саудиска Арабија, но како течеа мечевите од групната фаза формата одеше во нагорна линија.

Од друга страна пак Австралија е голем аутсајдер во овој дуел, но победите над Тунис и Данска им вбризгаа самодоверба и сигурно нема да излезат со бело знаме на теренот.

Неизвесен за вечер е настапот на Ди Марија кој има мала повреда и можно е да не го почне мечот.

Големата ѕвезда на „гаучосите“ и на светскиот фудбал, Лео Меси, ќе ја предводи селекцијата на својот официјален натпревар – број 1000. Оваа импресивна бројка е постигната со екипите на Барселона и на ПСЖ и националниот тим на Аргентина.

Единствениот Аргентинец кој може да се пофали со вакво достигнување е Хавиер Занети, кој има 1.114 натпревари во кариерата.

Победникот од ова осминафинале во следната фаза ќе се соочи со подобриот од првиот осминафинален дуел меѓу Холандија и САД.

Треба да знаете
Последни објави