Search

Почнаа обуките за советници за работодавачи

Педесетина вработени од 30 центри за вработување ја започнаа првата тридневна обука за новите профили на вработени – советници за работодавачи. Обуките се спроведуваат за да се унапредат професионалните капацитети на вработените, како и советодавни услуги. Како што велат од Министерството за труд и социјална политика, целта е на тој начин да се обезбедат нови начини и пристапи во дневната комуникација на вработените со надворешни субјекти.

Новиот профил „Советник за работодавачи“ во центрите за вработување се воведува со цел подобрување на квалитетот на услугите на центрите за вработување и соодветно одговарање на потребите на претпријатијата за вештини/работници и понудените активни мерки за ранливите групи како и на мерките за поддршка на вработувањето на ранливите лица.

Советникот за работодавачи ќе биде одговорен за анализа на пазарот на трудот и процена на потребите за работници на претпријатија, редовна, отворена и продуктивна комуникација и соработка со приватниот сектор на регионално ниво, планирање и советување на заинтересираните правни субјекти, како и  утврдување на потребите за работници и понуда на мерки за пресретнување на потребите.

„Нашата цел е дијалогот да го спуштиме од централно на локално нив, бидејќи секоја општина или регион вистински знае што е потребно во моментот за креирање на политиките за вработување и реашавање на сериозниот проблем со недостиг на квалификувана работна сила. Една од вашите задачите на бизнис советниците ќе биде токму ова советување коешто навистина треба да воспостави квалитетна врска и соработка помеѓу АВРСМ и работодавачите и да одговори на нивните потреби. Минатата година мерките од Оперативниот план ги планиравме заедно со работодавците и истите дадоа успешни резултати. Ваквата пракса продолжува и во изработката на ОП за 2020 година”, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, рече дека е неопходно Агенцијата да ги знае потребите на работодавачите, нивните планови и предлози, за да може навремено да интервенира во унапредување на нашите услуги.

Треба да знаете
Последни објави