Search

Поротничката си поднесе оставка, ТНТ почнува од почеток

Судењето за случајот ТНТ ќе почне од почето откако поротничката Лилјана Ивановска Кочковска денеска не се појави на рочиштето, бидејќи, како што рече судијата Огнен Ставрев, си поднела оставка.

Ова е епилог на повеќедневната преписка меѓу адвокатите на обвинетите, Јовица Страшевски и Мреџан Даути со претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, а во која се вклучија и Судскиот совет, Адвокатката комора и Министерството за правда.

– Добивме известување од поротничката дека дава неотповиклива оставка, бидејќи и истекол мандатот, но и поради здравствената состојба. Судењето ќе почне од почеток, рече судијата Ставрев.

Тој искоментира дека ова било желба на одбраната изминатите месеци, па ги потсети дека цело време тврделе дека не сакале да се одолговлечи постапката, туку да се запази законот.

– Утре да се изјасните дали се согласувате доказите само да се читаат, за да не губиме време, рече судијата Ставрев.

Поротничката неодамна го извести претседателот дека сака да си поднесе оставка поради притисоци, но потоа се предомисли откако и беше дадено обезбедување.

Во судница не се појаву ниту обвинетиот Тони Трајковски бидејќи како што рече неговиот адвокат Јовица Страшевски, не добил покана.

Страшевски рече дека и тој не добил покана, но бил замолен од сопругата на Трајковски да се појави на судењето.

Во судница не се појави ниту обвинетата Елизабета Најдовска, бидејќи и таа немало примена покана.

Според досегашната пракса на судот, обвинетите не добиваат секогаш писмена покана, туку се смета дека се информирани од претходното рочиште, на кое се одредува датумот за следното судење.

За новогодишните празници Јовица Страшевски, адвокат на извршителот на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и се закани на поротничката дека ако дојде на судењето, ќе ѝ поднесе кривична пријава, зашто исполнила услов за пензија.

 

 

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев двапати ги повика МВР, Обвинителството и Министерството за правда да реагираат на двете писма со закани од Страшевски до поротничката, но не доби одговор.

И Судскиот совет преку соопштение реагираше за притисоците врз судот во случајот „ТНТ“, кажа дека предност има судењето во разумен рок и оти се дава предност на што поскоро завршување на овој судски процес кој трае две години. На поротничката Лилјана Ивановска Кочковска ѝ се обрати да не подлегнува на заканите.

Треба да знаете
Последни објави