Search

Помпео и Чавушоглу разговараа за повлекувањето на САД од Сирија

Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, и турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, разговараа телефонски за повлекувањето на американските војници од Сирија и за билатералните прашања, јави „Ројтерс“ повикувајќи се на неименуван извор од турското Министерство за надворешни работи.

Минатиот месец американскиот претседател, Доналд Трамп, најави дека САД ќе ги повлечат трупите од Сирија.

„Ројтерс“ наведува дека Турција и САД, кои се членки на НАТО, се во контакт за планот за повлекувањето.

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, претходно, денеска, му кажал на Трамп дека Турција е подготвена веднаш да ја преземе контролата над северниот сириски град Манбиџ.

Судбината на сирискиот град кој е под контрола на сириските курдски борци, кои ја имаат поддршката од САД, а кои Турција ги смета за терористи, беше извор на тензиите помеѓу Анкара и Вашингтон.

Турција инсистира на повлекување на сириската курдска милиција, која го ослободи Манбиџ од Исламската држава во 2016 година.

Ердоган, исто така, го нарече провокација минатонеделниот напад на Манбиџ во кој загинаа четворица Американци, потенцирајќи дека нападот имал за цел да влијае врз одлуката на САД да се повлечат од Сирија.

Треба да знаете
Последни објави