Search

Полнењето со вода на оризовите површини во Кочанско според планот, земјоделците доцнат со подготовките

Полнењето на оризовите површини во Кочанско се одвива според договорениот план, а со подобрената хидролошка состојба нема поголеми проблеми на терен, велат од водостопанската подружница „Брегалница”.

Во моментот сè уште се зафаќаат проточните води од реките во регионот за да може максимално да се искористи нивниот капацитет и колку што е можно подолго да се штеди водата во акумулацијата Калиманци. Дел од полињата веќе цела недела се под вода, но се забележува мала активност кај земјоделците, поради што од Подружницата апелираат тие да се излезат на терен, да ги подготват нивите и да ја комплетираат сеидбата.

– Веќе имаме наполнето околу една третина од површини во месноста Средорек, за што ја користиме водата од зафатот на Кочанска Река, а до крајот на неделата ќе почне полнењето на нивите и во останатите полиња во атарот на Кочани. Од вчера попладне е пуштена водата и во Оризарско Поле, но сè уште има многу ниви кои не се изорани, земјоделците се многу инертни и ги замолувам што побрзо да излезат во полето. Во спротивно, значителни количини вода што можат да ги наполнат нивите, бесцелно ќе истечат по каналите и повторно ќе завршат во речните корита, истакна Јане Атанасов од водостопанска подружница „Брегалница” – Кочани.

Во наредните денови во атарот на Мојанци ќе се зафати проточната водата кај т.н. Шакирски бент, иако и таму земјоделците доцнат со подготовките на нивите за сеидба.

Од водостопанската подружница „Брегалница” информираа дека врнежите од дожд помогнале да се подобри хидролошката состојба во акумулацијата Калиманци, каде во моментот има нешто под 100 милиони метри кубни вода, а таа најверојатно ќе почне да се користи после 1 мај

Треба да знаете
Последни објави