Search

Поднесено обвинение за точење алкохолни пијалаци на дете

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен предлог против 53-годишна жителка на Кавадарци и против правното лице Друштво за услуги и трговија „Пако-пром Пане“ ДООЕЛ увоз – извоз Ваташа – Кавадарци за сторено кривично дело точење алкохолни пијалаци на дете.

Обвинителството утврди дека обвинетата, вработена во обвинетото правно лице, на 28 декември 2019 година околу 16.30 часот на оштетеното дете на возраст од 15 години, продала шест шишиња од по 2 литри вино, едно шише од 1 литар жесток пијалак – текила и едно шише од 1 литар жесток пијалак – вотка.

Надлежниот обвинител му предложи на судот обвинетите да ги огласи за виновни и да им изрече кривична санкција, како и казна забрана за вршење дејност.

Постапката против обвинетите е поведена по допрен глас, откако за стореното кривично дело обвинителството дојде до сознанија, истражувајќи друг кривично-правен настан, во кој купениот алкохол го консумирале повеќе лица на возраст од 15 до 18 години, при што едно од лицата, на возраст од 18 години, во алкохолизирана состојба се самоповредил со нож.

Основното јавно обвинителство Кавадарци во текот на изминатите неколку месеци, во соработка со ОВР Кавадарци и ОВР Неготино, спроведуваше едукативни средби со претставници на правни друштва, меѓу нив и на угостителски објекти, коишто продаваат алкохолни пијалаци. При средбите јавен обвинител ги истакна негативностите од продавање алкохол на деца и одредбите од Кривичниот законик каде истото е предвидено како кривично дело, за што беа најавени зачестени контроли од надлежните институции. Во Основното јавно обвинителство Кавадарци во моментов се постапува по повеќе предмети за лица кои не ја почитувале законската забрана за точење алкохол на деца.​

Треба да знаете
Последни објави