Search

ПЗУ „Д-р Огнен Даскалов” привремено затворена поради неправилности со просторот и кадарот

 Приватната здравствена установа „Д-р Огнен Даскалов”- супспецијалистичка ординација по пластична и реконструктивна хирургија е привремено затворена зашто при вонредниот инспекциски надзор од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) е констатирано дека има отстапувања од дозволата за работа во однос на промена на просторни услови и пријавен кадар.

Директорката на ДЗСИ д-р Ирина Сотирова-Бухова изјави дека при надзорот е утврдено дека ординацијата има сала што не е нотирана во дозволата, напомнувајќи притоа дека дека при нивната контрола не затекнале пациент во непријавената сала.

-Во однос на кадар, има медицинска сестра вработена на одредено време на еден месец, што не е дозволено. Според Законот за здравствена заштита, тимот мора да биде вработен на неодредено време. Има вработено и персонал кој е несоодветен и не треба да биде во супспецијалистичка ординација по пластична и реконструктивна хирургија. Веднаш е изречена забрана за вршење дејност, сè до отстранување на недостатоците. Целото досие е предадено на натамошна постапка во Министерството за здравство, рече Сотирова-Бухова.

Нема временски рок до кога ординацијата „Д-р Огнен Даскалов” е обврзана да ги исполни условите според дозволата, но сè дотогаш ќе биде со лента дека е затворена.

Забрана веќе е изречена за ПЗУ „Јанита” и ПЗУ „Митаноски”, за кои е иницирано и одземање на дозволата за дејност поради смртта од сепса на 39-годишниот пациент пред 20-ина дена. Целата документација за овој случај Инспекторатот пред неколку дена ја доставил до Основното јавно обвинителство.

На територијата на Скопје има пет ПЗУ на секундарно ниво, кои имаат дозвола од Министерството за здравство за вршење здравствена дејност во областа на хирургијата или во областа на пластична реконструктивна хирургија.

ПЗУ  „Промедика медикал центар” и ПЗУ „Д-р Туџарова – д-р Караџинов” се останатите две кај кои не биле утврдени недостатоци по однос на делување што го контролира ДЗСИ.

Сотирова-Бухова најави дека во наредните десетина дена под опсервација, како што рече, ќе бидат и приватните болници кои работат со дозвола на Министерството за здарвство.

-ДЗСИ во наредните денови ќе врши вонреден инспекциски надзор во сите болници – приватни здравствени установи кои се регистрирани за вршење хируршка дејност, односно општите или специјализирани болници за вршење на некоја од хируршките дејности, рече директорката на ДЗСИ.

Таа соопшти и дека Инспекторатот веќе го завршил вонредниот надзор за смртта на две и полгодишното девојче кое почина завчера на Клиниката за детски болести. Следен е целиот пат на лекување на детето (матичниот лекар, детската болница Козле и Клиниката за детски болести) и е инициран вонреден стручен надзор за да се утврди дали и, ако ги има, каде се направени пропустите.

Треба да знаете
Последни објави