Search

Петти неформален регионален состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан

Денес, 28.02.2020 година во Охрид, се одржува петтиот неформален регионален состанок на директорите на Царинските управи од Западен Балкан. Главната цел на состанокот е подготовка на заеднички пристап на царинските служби од регионот со цел унапредување на економската соработка во Западен Балкан, справување со проблемите со кои се соочува Западен Балкан, преку прифаќање на идејата за создавање на регионална економска област и ЕУ фондови за поддршка на инфраструктурата во овие земји, во контекст на Берлинскиот процес и Самитот во Трст што се одржа во јули 2017 година. На почетокот на состанокот во обраќањето на Директорот на Царинската управа беа истакнати некои од најзначајните  резултати што се постигнати во рамки на овие состаноци:

  • Отворен е заеднички граничен премин Табановце-Прешево
  • Во завршна фаза се преговорите за отворање на заеднички граничен премин помеѓу Република Северна Македонија и Албанија
  • Обезбедено е поголемо разбирање и примена на концептот на Овластен економски оператор
  • Обезбедена е поголема соработка помеѓу службите со цел да се обезбеди поголема безбедност и сигурност во прекуграничната трговија,
  • Спроведени се повеќе заеднички регионални акции;
  • Донесени се неколку одлуки во рамките на ЦЕФТА кои влијаат врз забрзувањето на протокот на стоки и патници.

Од овие сотаноци се очекува да се исполнат обврските од повеќегодишниот Акционен план за Регионална економска област која опфаќа:

  • Елиминација на нетарифните бариери;
  • Поедноставување на инспекциите поврзани со сите постапки на дозвола;
  • Намалување на формалностите до можната максимална мерка;
  • Ефикасна размена на трговски податоци на регионално ниво;
  • Воведување/зајакнување на програми за взаемно признавање на гранични документи и процедури, вклучувајќи го и овластениот економски оператор.

Директорот Танасоски посочи дека како гранични регионални служби треба да останеме посветени на размената на податоци преку електронски инструменти и да воведеме заедничко управување со ризици согласно неодамна усвоената Регионална стратегија за заедничко управување со ризиците, како и акцискиот план од страна на ЦЕФТА. Секаде каде што има услови, да воведеме заеднички гранични контроли, контроли на едношалтерски систем и да споделуваме опрема за гранична контрола. Покрај директорите на Царински управи од Западен Балкан, на настанот  присуствуваат и претставници на Царинската и даночна служба на Обединетото Кралство и  Британската Амбасада, како и претставниците на граничните инспекциски служби на фитосанитарната и ветеринарната контрола на Албанија, Србија и Северна Македонија.

Треба да знаете
Последни објави