Search

Пендаровски ја прими координаторката на ООН , Росана Дуџак

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ги прими постојаната координаторка на ООН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак и тим лидерот на групата експерти за реализација на новата рамка за соработка на земјата и агенциите на Обединетите нации, Роберт Скот Хејзлет. Соговорниците го информираа претседателот Пендаровски за досегашните активности во рамки на постоечката стратегија – Партнерство за одржлив развој на ОН 2016-2020,  како и за планираните активности во рамки на новата стратегија за периодот 2021-2025. На средбата беше разговарано за предизвиците коишто произлегуваат од  реализацијата на приоритетните области на соработка: вработување, социјална инклузија, добро владеење, заштита на животната средина, родова еднаквост, како и мигрантската и бегалска криза. Соговорниците изразија задоволство од можноста за придонес во спроведувањето на реформите во насока на промовирање рамномерен и одржлив развој, потпомагање при постигнувањето на националните приоритетни цели и поддршка на интеграцијата на земјата во Европската унија. Претседателот Пендаровски ја нагласи исклучително важната улога на стратегијата на ОН 2021-2025 во обезбедување на благосостојба на граѓаните на Северна Македонија и за севкупниот просперитет на  државата, со цел забрзување на нашиот евроинтегративен процес.

Тој изрази очекување дека стратешкото партнерство на Северна Македонија со Обединетите нации и во иднина ќе се зајакнува, притоа нагласувајќи дека нашето членство во организацијата од 1993 година се темели на доследно почитување на основните принципи и постулати на Повелбата на ОН.

Треба да знаете
Последни објави