Search

Пекинг им порача на САД: Не ги загрозуваме санкциите на ОН против Северна Кореја

Официјален Пекинг денеска ги отфрли обвинувањата на Вашингтон дека не ги почитува санкциите воведени од ОН против Северна Кореја и истакна дека се потребни дополнителни напори за да се постигне политичко решение и да се видат последиците од санкциите врз животот на обичните севернокорејски граѓани.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Хуа Чунинг изјави дека Кина секогаш ревносно ги спроведувала резолуциите на Советот за безбедност на ОН и ги исполнувала сите свои меѓународни обврски, но оти мора да се посвети повеќе време и енергија на подобрување на политичкиот процес и на негативните последици од санкциите врз животот на обичните севернокорејски граѓани.

Кина, како најблизок сојузник на Северна Кореја, силно се спротивстави на воведувањето еднострани американски санкции кои силно ја погодија севернокорејската економија и дополнително им го отежнаа животот на Севернокорејците кои живеат надвор од големите урбани области.

Стејт департментот вчера ја обвини Кина за кршење на обврската за спроведување на меѓународните санкции воведени врз Северна Кореја.

САД сметаат дека укинувањето или ублажувањето на меѓународните санкции би имало негативно влијание врз напорите кои се прават со цел официјален Пјонгјанг сериозно да ја сфати денуклеаризацијата.

Треба да знаете
Последни објави