Search

Папајоану: Грција цврсто ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан

Поддршката и позицијата на Грција од Солунската агенда до денес во однос на европската перспектива на земјите од регионот, ја повтори портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, дали Грција, како што беше случај по француското вето за Северна Македонија, размислува и сега, по бугарската блокада да преземе конкретни иницијативи.

Папајоану повтори дека Грција речиси 20 години има непроменета позиција за ЕУ иднината на Западен Балкан .

– Имаме кажано дека секогаш врз основа на исполнетоста на условите, ја поддржуваме европската перспектива. Исто така, имаме кажано дека сакаме да го помогнеме интегративниот тек на овие земји, бидејќи веруваме дека нивната интеграција ќе помогне во пошироката стабилност на регионот и оваа позиција и до денес важи и ќе продолжи да важи. Ова е нашата цврста позиција, ова го следиме, објасни Папајоану.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали договорите поврзани со историски, јазични или идентитетски теми треба да бидат предуслов за почеток на пристани преговори и за проширувањето на ЕУ, портпаролот на грчкото МНР посочи дека од Европскиот совет во Копенхаген во 1993 поставени се политичките и економските критериуми врз основа на кои една земја може да биде кандидат за членство.

Во однос на трите меморандуми меѓу Северна Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, Папајоану рече дека ќе бидат донесени во грчкиот Парламент за ратификација, меѓутоа без да прецизира кога ќе се случи тоа.

Треба да знаете
Последни објави